Џонатан Свифт во 1726 веќе бил изграден интелектуалец кој пишувал за широк опсег социјални и економски прашања. Најпознат бил по својот сатиричен роман „Гуливеровите патувања“, а држел и позиција на поглавар на катедралата Св. Патрик во Даблин. Преку сите свои функции успеал да натрупа значајно лично богатство, кое одлучил да го употреби во хуманитарни цели - давајќи им заеми на сиромашните по поволни услови, капитал од кој тие требало да развијат, во денешен жаргон, одржливи проекти.
На овој начин тој ги основал познатите ирски фондови за заеми - микрокредитни организации кои функционирале во Ирска помеѓу 1720-тите и 1915. На врвот на своето дејствување постоеле дури 300 вакви агенции. Самиот Свифт започнал со донирање 500 британски фунти на трговци и занаетчии, за кои нивните соседи и познати можеле да гарантираат дека се чесни, трезни и работливи. Ова било начин и државата да обезбеди дека нејзиното работоспособно население нема да питачи и да живее од милостина, без да вложи барем минимум труд во подобрувањето на својата ситуација.
Инспирирани од Свифт, голем број поединци и организации формирале вакви фондови. Тие биле особено атрактивни за жените од средната класа, кои можеле на овој начин да се пофалат со својот активизам, особено помагајќи им на сиромашни жени кои често пати и криеле од своите сопрузи дека добиле некаков „грант“, за овие да не им ги испијат парите.
Ирските фондови доживеале процут особено по 1823, кога Парламентот изгласал посебен закон кој овозможувал тие да наплаќаат камати и ги изземал од плаќање на некои даноци. Една од причините била таа што претходната година земјата ја погодила голема глад поради болест на компирот - основната храна во тој период (вообичаено се зборува за Големата глад која почнала во 1845, но имало и неколку такви и претходно). Сепак, и покрај промената на законите, Фондовите останале различни од банките, бидејќи не правеле профит, а менаџерите не смееле да добиваат било каква плата или бенефиции. На својот врв, со пари од фондови била покриена една петтина од домаќинствата во Ирска, многу повеќе отколку со заеми од банките. А сè почнало токму од Свифт.