Денес Џон Лок (1632-1704) се смета за еден од најголемите англиски филозофи, просветител познат како „татко на либерализмот“. Но во до сега непознат мемоар, кој се припишува на еден од неговите најблиски пријатели, се портретира малку поинаков лик - на суетен, мрзлив и помпезен човек кој се забавувал читајќи банални книги, но затоа пак кога требало да се крадат идеи знаел од каде да ги земе.
Феликс Валдман, професор по историја од Кембриџ го пронашол краткиот мемоар во Британската библиотека. Автор на текстот напишан на француски е новинарот Пјер Мезо, кој пренесува информации кои ги добил за Лок од негов анонимен пријател.
Валдман го опишува откритието како „светиот грал“ на истражувачите кои се занимаваат со ликот и делото на Лок, особено затоа што во мемоарот се тврди дека тој сепак го имал прочитано ремек-делото на Томас Хобс од 1651, кое во тоа време било крајно контроверзно а кое Лок изјавувал дека никогаш не го видел. И тој исто како и Хобс тврдел дека државата се појавила како резултат на доброволен, „социјален договор“ помеѓу поединци кои прифатиле дека единствената гаранција на нивната безбедност е суверена сила која ќе работи за заедничките интереси. Сепак, според Лок, луѓето имаат природни права кои ја ограничуваат моќта на суверенот (кралот), па ако тие права се нарушени, тоа подразбира и прекршување на социјалниот договор. За разлика од него, порадикалниот Хобс сметал дека договорот важи само помеѓу луѓето, а не помеѓу нив и нивниот владетел, па оттаму тие немаат право да се бунат против него.
Истражувачите, по откритието на мемоарските записи, го идентификувале анонимниот извор како Џејмс Тирел, близок пријател на Лок со децении. Двајцата се сретнале на Универзитетот Оксфорд во 1658 и се допишувале поголемиот дел од животот. Лок често престојувал во куќата на Тирел а кога бил прогонет во Холандија Тирел се грижел за неговиот имот. Според него во текот на студиите на Оксфорд Лок воошто не учел, бил ноншалантен и мрзлив и читал второкласна литература. Запамтен е како човек кој „се фалел дека е оригинален, но всушност го презирал сето она што не можел да го пласира како своја идеја“. Тој исто така тврди дека книгите на Лок се „копија на други, за коишто тој тврдел дека никогаш не ги прочитал“.
Во подоцнежните години врска ослабела, особено откако Лок станал „ѕвезда“ во интелектуалните кругови. А можеби Тирел едноставно му завидувал?