Музиката секогаш играла многу важна улога во филмовите на Џим Џармуш. Неговиот „Куче-дух: патот на самурајот“ го придружуваше музиката на Ву-Танг Клан. Антологиски се сцените во кои Том Вејтс и Иги Поп импровизираат дијалог за кафиња и цигари во истоимениот филм, а Нил Јанг има снимено гитарски солоа за саундтракот на „Мртов човек“. Има режирано и документарец за „Стуџис“.
Во ново интервју за Гардијан тој открива дека уште од тинејџерски денови музиката му го моделирала животот и одлуките кои ги носел. Но дури сега, на 70 години, тој и неговиот бенд Скирл (Sqürl) објавуваат деби албум. Всушност, станува збор за дуо кое се состои од Џармуш и Картер Логан, а создава „густа“, атмосферска музика, која до сега беше користена во филмовите на режисерот.
Новиот албум е во сличен стил, со музика која е опишана како „бавногоречки дрон рок“. На него како гости се појавуваат Шарлот Гејнсбур, Аника и гитаристот Марк Рибо. Резултатот е нешто што Џармуш гордо го опишува како „ентузијастично маргинално...Не сум мејнстрим, не сум андерграунд туку сум нешто помеѓу. Но најубавите нешта растат на маргините, па тоа изгледа како поудобно и по чесно место на кое може да се биде“.
Но ако славата не е мотив, тогаш тоа е нешто што Џармуш го нарекува пропаст на филмската индустрија. „Гадно е. Станува полошо. Договорите 50-50% профит помеѓу мене и финасиерите, што можев да го постигнам со моите филмови...ако сега го предложиш тоа ќе се скинат од смеење и ќе те избркаат од зградата“, вели тој. Токму затоа, занимавањето со музика е ослободувачко - таа е понепосредна и не се потребни најмалку две години од пишувањето сценарио до почетокот на процесот на снимање.
Освен што ќе снима албум, Џармуш и ќе настапува со дуото, на пример на фестивалот Метдаун, каде тие ќе изведуваат музика во живо за надреалистичките филмови на Ман Реј.