пренесено интервју

Џереми Ајронс: „Бетмен е секој оној којшто поставува прашања“

Во рок од еден месец, 67-годишниот актер има една театарска и три филмски премиери. Во интервју за Гардијан тој зборува за статуетката на Буда на која ѝ се обраќа додека подготвува улога, за крајот на американската демократија и за поуката на Бетмен против Супермен, во којшто го игра Алфред.

Џереми Ајронс лесно запаѓа во невољи - знае да опцуе во утринска програма, пред некое време изјави дека би одбил витешка титула затоа што станал актер „за да биде бараба", а најголеми реакции предизвика пред три години кога предупреди дека геј браковите би можеле да доведат до тоа татковците да се омажат со нивните синови за да се избегне данок на наследство. Подоцна се обиде да објасни дека нема ништо против геј браковите, и воопшто геј врските (беше прв што носеше лента за поддршка на болните од сида на доделување на награда), туку дека на овој начин сакал да го критикува даночниот систем.

Ајронс, според новинарот на Гардијан, не се снаоѓа во новата ера на социјални медиуми и нивната брзопотезност во толкувањето на секоја изјава на славна личност, па оттаму и ваквите непромислени потези, кои се резултат на наивност, контрадикторност и компулсивност. Но Ајронс смета дека сите всушност би требало да бидеме такви:

„Сите во општеството би требало да бидеме мислечки џубокси и да исфрламе идеи. Мислев дека интернет ќе помогне во ова. Но тој всушност ги замолча луѓето. Тие се напаѓани за што и да е, па веќе и ништо не кажуваат".

Сепак, некои од неговите ставови се прилично конзервативни:

„Бракот ни дава сила затоа што е тешко да излезеш од него, па мораш да се бориш за да го одржиш. Ако разводот стане ептен лесен - што на некој начин и веќе се има случено - тогаш нема да го имаме тој бекап."

Или за абортусот:

„Верувам дека на жените треба да им е овозможено да ја донесат одлуката, но исто така дека црквата е во право да каже дека тоа е грев. Затоа што грешните дејства ни штетат. Абортусот ѝ штети на жената - тој е неверојатен ментален напад а понекогаш и физички. На некој начин фала Богу што католичката црква вели дека нема да го дозволи, затоа што инаку никој не би рекол дека абортусот е грев".

Неговата пасија уште од студентски денови се антиквитетите - смета дека неживите предмети имаат дух. Енергијата никогаш не умира, само патува, па колку што е постар некој предмет толку повеќе има апсорбирано енергија. Понекогаш таа енергија е зла, но најчесто е позитивна, како некој Буда од Бурма кој му стои покрај скалите:

„Често само седам и си зборам со него. Тие се навикнати да им зборуваш - дел се од култура, од религија. Ако се игнорирани, умираат. А кога ќе му обратиш среде спремање претстава или снимање филм, она што излегува од него е огромно и успокојувачко".

Статуетката во последно време веројатно имала доста работа бидејќи на 67 години Ајронс работи како луд. Изминатава недела играше театарска премиера на „Долгото патување низ ноќта" на Јуџин О'Нил, претходно беше премиерата на филмот снимен според „Хајрајз" на британскиот писател, еден од перјаниците на „новиот бран" на научната фантастика, Џ. Г. Балард. А следната недела се планира излегувањето на „Човекот кој ја познаваше бесконечноста", биографски филм за еден математичар. Пред неколку дена, пак, излезе и неговиот прв блокбастер во последниве 20 години - „Бетмен против Супермен: зора на правдата". Во филмот Ајронс го игра Алфред, батлерот на Бен Афлек. Но во сите наведени дела тој всушност игра варијации на позната тема - истакнат господин со некаква внатрешна маана, од надвор совршен, а одвнатре скршен.

„Имам природна тенденција на, се надевам бенигнен, диктатор", вели самиот. „Но ми треба земја, градина, убаво време. Градскиот живот поттикнува одредено однесување кое мене не ми се допаѓа. Се отуѓуваме едни од други. Парите ја прават кочината ,а свињите треба да живеат во неа. И поголемиот дел од светот функционира така".

Ајронс зборува за политика две третини од времето, со благ презир кон политичарите и нивните агенди, особено кога се работи за интервенционизам од каков и да е вид: „Тоа е како генетски инженеринг. Сирија се справува со опозицијата со голема суровост, но сурови луѓе постојат, како што гледаме и на примерот со ИСИС, и нема да го отстраниш тој дел од природата на оние фанатици на тоа ниво на нивниот цивилизациски развој. Па сепак сите - особено Американците - мислат дека единствениот начин на живот е нивниот. Демократија? Што значи по ѓаволите тоа? Слобода? Што значи пак тоа? Американските избори можеби се крајот на демократијата. Ако таа стане реално шоу кадешто гласаш за оној кој најмногу те смее, тогаш не треба да имаш право на глас".

Токму од тука тој ја влече и поуката на Бетмен против Супермен - сите треба да бидеме одговорни и влучени. Бетман е секој оној што поставува прашања, а Супермен е „американскиот дрон".

Целото интервју тука

26 март 2016 - 10:59