Со луцидни наслови како „Овој Џејмс Бонд фаќа птици наместо криминалци“ американските весници одбележале ден во 1965 кога орнитологот со такво име пронашол редок вид мала српоклуна шлука - која била сметана за исчезната цела деценија.
Ова било втор пат господин Џејмс Бонд да се најде во медиумите. Првиот пат било многу подраматично. Од нигде-никаде телефонот на Бондови ѕвонел среде ноќ, а од другата страна заводливи женски гласови прашувале „Дома е Џејмс?“ и потоа спуштале. Поминало некое време додека Џејмс и сопругата не сфатиле дека повиците се должат на интервју на писателот Јан Флеминг во списанието Рог, каде тој признал дека го украл името на својот агент 007 од автор на книга за птици.
„Навистина постои Џејмс Бонд, но тој е американски орнитолог, не таен агент“, изјавил Флеминг. „Прочитав една негова книга („Птици на Западните Инди“) и кога требаше да смислам име кое звучи природно за мојот лик, се сетив на неа и го преземав она на авторот“.
Книгата била објавена во 1936, откако Бонд поминал цела деценија истражувајќи ги карипските острови. Станува збор за прирачник од 460 страници со 159 црно-бели илустрации, кој станал неопходна алатка за секој заинтересиран за птиците во овој регион, вклучително и за Флеминг кој живеел на Јамајка.
Сето ова е детално опишувано во книга на Џим Рајт - „Вистинскиот Џејмс Бонд: приказна за кражба на идентитет, птичји интриги и Јан Флеминг“ од 2020-та. Биографијата на Џејмс Бонд е интересна но и трагична, обележана со смртта на неговата постара сестра кога бил мал, као и на мајката кога имал 9 години. Татко му се преселил во Англија, каде Бонд бил исмеван поради неговиот американски акцент. На крај студирал на Кембриџ, по желба на татко му за банкар.
Но љубовта му била на друго место - станал самоук орнитолог, кому пребогатото семејство не му давало пари за ова негово „сулудо“ хоби (вујко му, на пример, бил толку богат што во еден момент ја купил „Сончогледи“ на Ван Гог). Често патувал со поштенски брод до Карибите, а потоа со кајчиња на локалците - трговци со рум и банани, по островите. Истовремено, страдал од морска болест. За разлика од денешните орнитолози, тогаш можел да си дозволи со себе да носи пушка, а богами и да „собира“ примероци со тоа што ги убивал (додуша внимавал да не бидат многу на број).
Години подоцна, кога неговото име станало славно поради тајниот агент, и покрај вознемирувањата тој сепак уживал во макар и индиректната слава. Во спомнатата книга е опишана и првата средба помеѓу авторот и орнитологот - тој и сопругата просто упаднале во Голденај, имотот на Флеминг на Јамајка. Во 1964, Флеминг му подарил на Бонд прво издание од книгата „Живееш само два пати“, со потпис: „На вистинскиот Џејмс Бонд, за кражбата на неговиот идентитет“. Подоцна, книгата била продадена, достигнувајќи цена од 84.000 долари. Како компензација Флеминг му понудил и неограничена употреба на Јан Флеминг - посебно ако станува збор за именување на птица која е грда и „ужасна“.
Во 2022 е снимен документарец „Другиот човек“ кој ги опишува животите на неколкумина со името Џејмс Бонд, а содржи и снимка од спомнатата средба помеѓу Бонд и Флеминг. Сопругата на орнитологот, пак, Мери, напишала своја автобиографија и ја насловила - „На Џејмс Бонд, со љубов“.