Дизајнерката Кенди Чанг ја нарекуваат „кралица" на луцидните инсталации на јавни места кои поттикнуваат колективно раскажување. Таа во 2011 покрила некоја напуштена куќа во нејзиниот роден Њу Орлеанс со површина како табла и направила редови со недовршената реченица: „Пред да умрам...", која секој минувач можел да ја дополни со креда. На нејзино изненадување до следниот ден таблата била полна. Тоа ја инспирирало проектот да го прошири, и тоа на повеќе од 10 јазици, во повеќе од 30 земји во светот (меѓу кои и Македонија).
Нејзината нова книга „Пред да умрам" е збирка на најдобрите од овие јавни, а анонимни ѕидови од Аљаска до Австралија, Бруклин до Берлин, пополнети со одговори кои се движат од „да доживеам година без војна" до „да спијам со свирач на харфа". До фотографиите има и приказни за некои од луѓето кои си ги напишале желбите на таблата.
Мото на книгата е мудрост од Карл Саган: „Го осмислуваме светот преку нашите прашања и длабочината на нашите одговори". А тие - одговорите - се најчесто многу едноставни: светски мир, наоѓање лек за ракот, да се сака и да се биде среќен. Тие се потсетник на она што е навистина важно, секојдневно соочувајќи се со баналните факти на денот, или повеќе, потсетник на она што би требало да (ни) е важно.
Тоа што овие пораки се напишани во јавен простор потсетува дека не сме сами - „Секој минувач е поинаков човек, полн со копнежи, стравови и зачуденост. Пронаѓајќи повеќе начини да го споделуваме јавниот простор, луѓето околу нас можат да ни помогнат не само да создадеме подобро простори, туку и да станеме подобри луѓе", вели авторката.
„Пред да умрам" е наречена етнографија на аспирациите. Наместо табла поставена среде плоштад (или во чаршија, каде што била), еве една тука. Дополнете ја во коментарите - „Пред да умрам__________". Ова, како и секој друг ден, е доволно добар да се помисли на она што ни е важно.