Фото истражување

Долгорочното планирање на нашите баби

„Облека за умирачка" е истражувачки проект на Маргарета Керн, уметник од Лондон, базиран врз визуелно документирање и интервјуа со жени од Хрватска и Босна и Херцеговина кои, исто како и нашите баби и прабаби, уште додека се на нозе и во добро здравје си ја подготвуваат облеката во којашто сакаат да бидат погребани.

„Смртта не може да чека на облеката, облеката е таа која треба да чека на смртта", изјавила баба Каја од Тузла, објаснувајќи го обичајот кој е познат и во Македонија. Таа, како и останатите жени вклучени во ова фото истражување, во посебно ковчеже во кое веројатно претходно им бил чеизот, на посебен рафт во шкафот или во кутија под кревет си ја чуваат облеката, чаршафите, па дури и по некое перниче со кои сакаат да бидат погребани, а кои најчесто самите го имаат шиено и везено.

Иако на прв поглед делува морничаво, на ниту една од нив не им било незгодно да зборува на темата, тие напротив за секој дел од облеката давале детално објаснување, каде е купен и кога е правен, а на некои од фотографиите делуваат и горди на своето планирање. Меѓу волнените чорапи и скутините се наоѓа и по некое палто со старомоден крој, купено уште во шеесетите, кое останало нечепнато четириесетина години.

За разлика од мажите кои или воопшто не подготвуваат ваква облека (за нив можеби тоа го прават повторно жените), или си молчат околу тоа, за жените ваквата контрола врз нивниот последен јавен настап е очигледно од големо значење. А и тоа од време на време да ја проветруваш оваа облека и да се потсетиш на сопствената смртност и не е толку лоша работа - дур не ти ја облекле значи си жив.

Повеќе за проектот тука

 

 

 

18 јануари 2013 - 09:36