Во јули оваа година поранешниот републикански претседателски кандидат Бен Карсон предизвика бура откако на Републиканската национална конфенција инсинуираше дека Хилари Клинтон е во некаква спрега со Луцифер. Тој секако не е прв во ваквото поврзување на политичките ривали со Ѓаволот химселф. Низ вековите луѓето често тврделе дека тој ги меша своите прсти во власта и во водењето на политиката, некои од нив метафорично (како во: „Тие и тие бегаат од избори како ѓавол од крст“), а некои сосема буквално.
Еден од тие „буквалисти“ е Даниел Дефо, нам попознат како автор на „Робинзон Крусо“, кој бил еден од најпознатите сатиричари и политички коментатори на своето време (крај на 17-почеток на 18 век), и кој за своите написи лежел и во затвор. Но неговата „Политичка историја на ѓаволот“, напишана како дел од трилогија кон крајот на животот, кога почнал подлабоко да навлегува во различни окултни теми, не е воопшто сатирична, туку смртно сериозна во своите предупредувања.
Во неа Дефо, инаку протестант по вера, вели дека Ѓаволот е физичко битие кое се појавува на земјата во сопствената форма, но и престојува во туѓи тела и умови, особено во оние на луѓе на високи позиции, кои ги манипулира за сопствени цели, а кои Дефо ги нарекува негови „агенти или мисионери“. Со оглед на тоа што бил силно анти-католички настроен, тој го поврзува ѓаволот особено со католицизмот, односно со Папата.
Книгата е прв пат објавена во 1726, а во 1819 во Лондон е излезена илустрирана верзија. Во неа Дефо пишува:
„Без оглед дали го гледам или не, тој е тука, и не се сомневам дека и сега ме набљудува додека го пишувам ова, зад мене е, или крај мојот лакт, или на моето рамо. Но тоа воопшто не е важно, затоа што ниту еден од најопасните или важни проекти во светов тој ги нема направено појавувајќи се како таков, туку на некој друг начин“.
Поддршка за неговите тврдења Дефо наоѓа пред се во Светото писмо, а ги критикува сите други верувања во духови, вештерки и демони кои не произлегуваат од христијанските верувања. Ова се толкува како контрадикција: од една страна Дефо е сосема рационален во пристапот кон натприродното, а сепак верува во ѓавол кој од време на време излегува од своето живеалиште - Пеколот - и се појавува меѓу или во луѓето.
И покрај сета сериозност на темата, Дефо не може да издржи и тука да не покаже смисол за хумор. Книгата почнува со иронична забелешка во која тој се прашува кому да му го посвети делото. Да посвети книга со ваков наслов на Бога некако не оди, а од друга страна не е сигурен дали да му ја посвети на Ѓаволот, бидејќи овој немало тоа да го цени. Така, книгата останува непосветена на никого посебно. Можеби најмногу на оние за кои зборува Дефо, луѓето под влијание на замисленото или реално зло.
(горе: „Ќе го обојам градот црвено“, политичка карикатура од 1885, на која демократијата е претставена како Ѓавол кој се подготвува да се нафрли врз Вашингтон)