Стилот му е препознатлив од Месечината - дамки од мастило и линии кои истовремено ги извитоперуваат, но и ги разоткриваат неговите ликови и предели. Тие често пати се вознемирувачки, па на режисерот на филмот под наслов „Без посебна причина", Чарли Пол, му било малку шубе како ќе снима филм за некој со толку агресивен однос кон светот. Излегло дека Ралф е „мил, топол и великодушен човек" кој од време на време, дури и сред разговор, оди до неговата работна маса и создава парчиња уметност кои се застрашувачки.
Токму таков човек барал Жан-Клод Суарес, уметничкиот директор на списанието Scanlan's, кога го најмил Стедман да го придружува Томпсон на Кентаки дербито во 1970, од кој произлезе антологискиот текст „Кентаки дербито е декадентно и изопачено", што го одбележа почетокот на тн. „гонзо новинарство" (целиот, без илустрациите, тука). И Суарес се плашел од имиџот на Стедман, и го третирал како мафијаш-убиец, затоа што на неговите карикатури гледал како на еквивалент на убиства. Но вистината, како што покажува филмот, е далеку од ова, барем што се однесува до ликот на цртачот. Неговото дело пак, е нешто сосема друго.
Стедман за себе вели дека научил да не верува на авторитети во детството, како реакција на некој директор во неговото школо кој го малтретирал. Овој став се засилил во текот на седумдесетите, во текто на протестите против војната во Виетнам. Пријателството и соработката со Томпсон само му ги изостриле сетилата и перото. Насловот на филмот доаѓа од една изрека на Томпсон која често ја употребувал како објаснување зошто сака да направи нешто откачено и опасно. „Без посебна причина", му одговарал тој на Стедман. „Без посебна причина".
Минатата година од печат излезе луксузната монографија од четири кила и 448 страници на Стедман за која веќе пишувавме, низ чии провокативни и често шокантни цртежи ве води самиот Стедман. А него најдобро го опишува Џони Деп кога вели: „Ралф е толку...фин. Сепак, истовремено тој е психопат".
Трејлер за документарецот: