30-годишната Ема Хок во февруари 1909 била сместена во психијатриската болница на Универзитетот Хајделберг во Германија. Состојбата малку ѝ се подобрила и еден месец подоцна таа била пуштена, но повторно била вратена по неколку недели. За жал, надолниот тренд продолжил, и во август истата година нејзината болест веќе изгледала терминална, а рехабилитацијата невозможна. Тогаш Ема била пренесена во азилот Вислох, каде ќе почине дури 11 години подоцна.
Токму во времето на престојот во Хајделберг почнала да пишува писма, до својот сопруг Марк, кои биле подоцна откриени во архивата на болницата. Постојано гласно го повторувала неговото и имињата на другите членови на семејството, но на хартија нанесувала нешто што изгледа како чкрабаници и тоа во слоеви - редови и редови идентичен текст, едни врз други. Сепак, помеѓу густиот ракопис се распознава и по некој збор - Herzensshatzi komm (Драги, дојди!) кое се повторува како мантра, или едноставното „дојди, дојди, дојди“ повторено илјадници пати.
Ниту едно од овие писма не било испратено.