Една од ретките книги кои се занимаваат со начинот на кој сме спиеле во минатото е „При крајот на денот: ноќта во минатото“ (Аt Day's Close: A Night in Times Past) на историчарот А. Роџер Екирш. Со оглед на тоа што има многу малку директни научни податоци за спиењето пред 20 век, Екирш минал неколку години истражувајќи ги книжевните извори, судските записи, дневниците и медицинските досиеа за да открие колку и како сме се „исклучувале“ ноќе. Притоа, на сопствено изненадување, наишол на најмалку 500 референци на прво и второ ноќно спиење кои водат наназад до „Одисејата“ на Хомер. И не е само бројката значајна, туку и начинот на спомнување на овој феномен, како тој да е сосема вообичаен. Истиот може да се следи до начинот на којшто и денес се спие, на пример кај некои племиња во Нигерија.
„Прекршениот“ или бифазниот сон изгледал вака:
- Првото легнување почнувало околу самрак, и траело околу три-четири часа;
- Луѓето се буделе околу полноќ, и биле активни неколку часа. Притоа цепеле дрва, се молеле, се социјализирале со комшиите, и имале секс. Лик од Чосеровите „Кентербериски приказни“ во една сцена вели дека пониските слоеви од општеството имаат повеќе деца затоа што го користат овој период помеѓу два сона за прокреација.
Всушност некои доктори и го препорачувале токму за тоа. Екирш пронашол референца од француски доктор од 16 век кој советувал дека најдоброто време за зачнување не е при првото одење в кревет, туку откако човек фино ќе се наспие првите неколку часа, за да може потоа „да го прави тоа подобро“.
И не е чудно што луѓето спиеле вака со векови - ако ништо друго некој требало среде ноќ да провери дали гори печката и да стави некое дрво (во наши термини: да пушти некоја машина на евтина струја). Плус ноќта со себе носела разни опасности, па будењето било некој вид држење стража, барем до помасовното осветлување на улиците. Тоа, како и потребата луѓето да се одморни во текот на денот за да работат по фабриките, го прекинало бифазното спиење.
Необично е тоа што токму тоа е времето кога почнува да се појавува несоницата, како загрижувачки медицински феномен. Можеби тој е реакција на промената во физиолошки циклус на кој човештвото било навикнато со милениуми? Истовремено, бидејќи не можело кој знае што да се прави среде ноќ, ова било добар момент за медитација, интроспекција и поврзување со ближните, нешта што во турбулентниот дневен ритам ни недостасуваат.
Парадоксално е што модерните специјалисти за здравје и долговечност препорачуваат барем осум часа сон. Но тоа е ако легнуваш доцна и потоа цел ден треба да си под притисок на обврските. Нашите стари легнувале рано и практично ги спиеле тие осум препорачани часови. Само што си правеле пауза помеѓу двата сона, како за одење до ВЦ или за цигара среде театарска претстава.