„Моите фотографии се главно фокусирани на правењето филмови, нешто што го работам целиот живот", изјавил Бриџис. „Мислам дека имам перспектива која ја немаат голем број луѓе. Исто така имам можност да ги користам сите тие чудни извори на светлина на сетовите".
Иако тој е најпознат по неговите филмски улоги (Big Lebowski, True Grit, Tron), тој вчера, на 1. мај, доби и посебно признание, Infinity Award, од Меѓународниот центар за фотографија во Њујорк, токму за овие фотографии.
Бриџис користи панорамска, целосно механичка Widelux камера, затоа што смета дека ултраширокоаголните слики се поблиску до тоа како навистина гледа човечкото око. Во книгата под наслов „Слики" која ја објавил во 2003, тој вака го опишува омилениот апарат: „Вајдлукс е каприциозна љубовница: нејзиниот визир не е прецизен, нема мануелен фокус, така што во сето тоа има некаква неодреденост. Го сакам тоа. Тоа е нешто кон кое тежнеам целиот живот - недостаток на прецизност кој ги прави работите почовечки и почесни, волја да се прими она што е тука во моментот, да не се мисли на резултатот. Да се тргнеш од патот е она што сметам дека е моја главна задача како уметник."
Освен споменатата монографија чии приходи ги наменил за хуманитарни цели, тој од 2003 прави и посебни книги, во ограничен тираж, со фотографии на актерите и екипата на филмовите на кои работи, која им ја дели бесплатно во знак на благодарност по добро завршената работа.
Стварно е цар.