Во 2024 оригиналниот дизајн на Мики Маус на Дизни ќе влезе во јавен домен. Тој прв пат се појавил во 1928 во краткиот цртан филм „Парниот брод Вили“, кој е истовремено и прв цртан филм кој користел синхронизиран звук.
Во САД, авторските права на оригиналните дела траат до смртта на авторот, плус 70 години. Но делата објавени пред 1978, како Мики, се врзани со авторско право само 95 години од датумот на објавување. Ова значи дека првата верзија на Мики Маус се доближува до крајот на заштитата со авторско право, додека нејзините понатамошни трансформации - верзии на Мики Маус се уште ќе бидат заштитени до истекувањето на нивните 95 години.
Оригиналот изгледа прилично различно од „заокруглениот“ и мил Мики. Неговите раце и нозе се како стапчиња, а носот му личи баш на глувчешки. Иако Дизни може да го загуби авторското право на „Парниот брод Вили“, сепак може да задржи извесни права доколку таа конкретна верзија на глушецот ја прогласи за своја трговска марка, односно за симбол на Дизни.
Оваа разлика е малку збунувачка, а пример за тоа е третманот на ликот на Вини Пу. Оригиналните приказни и ликови од книгата на Милне од 1926 влегоа во јавен домен на почетокот на оваа, 2022. Но славната визуелизација на ликот на жолтото мече со црвена маичка која прв пат се појавила во краткиот цртан филм од 1966, се уште е под заштита на авторсктие права.
Дизни исто така поседува неколку трговски марки поврзани со популарното мече, кои ја ограничуваат употребата на сликата на овој лик на производи. Тест за границите на правата кои ги има Дизни над Пу (а што веројатно ќе биде случај и со Мики), е планот оваа година да се направи хорор филм „Вини Пу: крв и мед“, кој го претставува мечето како сериски убиец. За да се разликува од ликот на Дизни, Пу тука носи карирано одело а цртите на неговото лице се извитоперени.