Џовани и буквата Љ

Дијалог со пролетта

Заљубен сум во тебе од малечко,
во очите твои назаситни
што тераат на арчење.

„Која си ти убавице,
пролет ли си, што ли си?
И зошто ме фаќаш неподготвен,
зошто ме гаѓаш незаштитен?"

А таа ми врза шлаканица,
се насмевна, проговори:

„Јас сум сонце за по блузичка,
насмевка на цвеќето,
прошетка зеленкаста.
Песна сум твоја деветта,
танц на немирот твој
непоттикнат.
Ти ја голицкам омразата кон ѕидовите,
ти ја обновувам љубовта кон улиците.
А кој си ти?"

„Јас сум мајстор за дијалози,
не знам дали да ти напишам една драма."

А таа ми шприцна два-три бокса во лицето
(силни, мимoзни, подносни)
ме мавна остро во слабина, се развика:

„Драма, што е драма?
Обично величење на лудилото човеково.
Дел сум од сечија драма, незаменлив.
Радост за секој глумец нескротлив,
чин сум прв, смевотворен.
Еве ти вишок билет за премиерата –
оди, учи, глеј како се пишува!
А што правиш во времето слободно?"

„Јас сум поет, пишувам песни за
љубовта. Си чула ли нешто за неа?"

А таа се насмевна иронично, ме удри
ниско под појасот и гласно ме искара:

„Јас сум буквата Љ на твојата
машина за пишување.
Дел од сите твои песни.
Ти давам ритмика, метрика безмерна.
Оргазам сум и настинка за оние
кои ми бараат уште првата вечер.
Поздрав сум крилест од бескрајот,
девојка стројна, разголена.
Ќе ми го посветиш ли животот? "

„Заљубен сум во тебе од малечко,
во очите твои назаситни
што тераат на арчење.
Би ти ја посветил младоста
да не ја изарчев прерано.
Ми остана само песнава –
ти ја отворам да се качиш
на насловот,
само повеќе да не ме задеваш."

Јовица Ивановски, 1993

19 март 2014 - 16:03