„Декадентен“ потекнува од латинскиот глагол decadere со значење „паѓање“ или „тонење“. Роднина на истиот термин е англиското decay, со значење распад. Оттаму, иронично е кога рекламите за кутија чоколади или попладне поминато во спа се рекламираат како „ваше право на декадентно задоволство“.
Во своето екстремно значење, декаденција е безумна потрага по интензивни доживувања - такви кои во социјална смисла се скандалозни, етички и/или законски недозволени. „Декадентни“ низ историјата најчесто биле уметници, кои оваа придавка ја носеле и како бреме но и како херојски медал.
Кога „Доријан Греј“ била искористена како доказ против Оскар Вајлд во најпознатото судење од крајот на 19 век, тоа потегнало јавна осуда на едно цело Декадентно движење. Започнато во средината на 19 век во Париз, тоа обединувало мислители и уметници кои во падот на Римската империја гледале вовед во сопствената дегенерирана цивилизација и ера. Во „Цвеќињата на злото“ на Бодлер од 1857 тој го регистрирал перверзното задоволство на сведочење на распадот околу нив. Во романот „Против природата“, Жорис-Карл Уисман (патем, омилениот писател на Мишел Уелбек) главниот лик се повлекува во вила за да искуси серија сетилни задоволства, интензитет на животот кој е обликуван од прогресот, но кој во еден момент е осуден на пропаст.
Како што декаденцијата мигрирала во Британија, духовните основи почнале да се прошируваат со нови прашања за состојбата на западното општество. Паралелно со откритија во науката, меѓу кои и теоријата на еволуцијата на Дарвин, „Декадентните“ се прашувале - ако поединецот е само ефемерна честичка во еволуцијата, ако не постои Бог и ако сме раководени од несвесни пориви, како што тврдела психоанализата во зародиш, тогаш како да си го осмислиме животот? Дали е тогаш нужно и посакувано, животот да се конципира околу моменти на екстаза кои ќе ни го одвратат вниманието од реалноста на нашата ултимативна судбина?
Оттаму и не чуди популарноста и скандалозноста на книга како „Доријан Греј“. Таа ги надоградила постоечките основи за „пропаѓање со стил“. И така нештата немаат смисла, и така сите ќе умреме, тогаш зошто да не му се предадеме на хедонизмот? Ваквиот став влијаел не само на книжевноста туку и на уметноста и дизајнот, со мотиви на еротицизам, кокетирање со смрт и непочитување на воспоставените норми.
Оттаму декаденцијата е сериозен концепт кој нема врска со развратот како таков. Тој ги преиспитува вредностите и идеалите кои сметаме дека се дадени еднаш засекогаш и со тоа ја става под прашање самата реалност - нешто што е опасно, но исто така и многу потребно.