Џиовани Бјанчини бил професор по математика и астрономија на Универзитетот во Ферара и дворски астролог на маркизот Леонело д'Есте. Во својот текст Tabluae primi mobilis, напишан во текот на 1440-тите, тој употребил децимален знак за да пресмета координати на планети. На тој начин го измислил системот на децимални дропки, со што пресметките кои се основа на модерната наука станале поефикасни и помалку комплесни.
Во нов текст во списанието Historia Mathematica oд 17 февруари, под наслов „Нумерација на децимални дропки и децималниот знак во Италија во 15 век“, се тврди дека Кристофер Клавиус, германскиот математичар од крајот на 16 век, не е првиот кој го употребил децималниот знак, како што се мислеше до сега. Клавиус во својот текст од областа на астрономијата, Астролабиум од 1593, всушност го презел овој систем од Бјанчини.
Ова откритие е на Глен Ван Брумелен, историчар на математика, кој за Ен-пи-ар изјавил: „Работев со ракопис на астрономот Бјанчини. Забележав точки внатре една нумеричка таблица. Во неговите објаснувања на истите, станува јасно дека она што тој го правел е точно истото што ние го правиме со децималниот знак. Се превозбудив. Го грабнав мојот компјутер и трчав барајќи колеги кои се уште не си отишле дома да спијат, велејќи - овој човек работел со децимален знак во 1440-тите. Верувам, мислеа дека сум луд.“