
Римскиот поет Овидиј во делото „Уметноста на љубовта“ дава совети за оние што сè уште не пронашле партнер. Тој вели дека љубовта не доаѓа сама по себе, туку мора да се бара - на прошетки, во градини, на театарски претстави, па дури и околу судовите. Треба да се привлече нечие внимание и да се најде изговор за разговор. Притоа, вели Овидиј, не треба да се избира во темница и под дејство на алкохол, затоа што тогаш лесно се прават грешки. Важен е и личниот изглед: чиста облека, уредни нокти и фризура, пријатен здив – сето тоа е дел од првиот впечаток.
Античките автори исто така сметале дека незаљубениот човек е помалку исполнет, па дури и помалку корисен за општеството. Така, римскиот писател Клаудиј Елијан тврдел дека војници кои се заљубени се похрабри во битка, бидејќи љубовта ги поттикнува на доблест. Во Спарта дури и се казнувале оние што не се вљубувале, сметајќи дека така тие не ја искористиле до крај својата морална и телесна извонредност за доброто на заедницата. Според истиот автор: „Секој со добар изглед и карактер, кој не бил во љубов со некој исто толку добро воспитан, бил парично казнуван затоа што и покрај својот потенцијал не сакал никого - приврзаноста што ја поттикнува љубовта има неверојатна моќ да ги стимулира на доблестите.“
Секако, љубовта не секогаш била возвратена. Кога повеќе луѓе се вљубувале во иста личност, доаѓало до конфликти. Така, според Цицерон, римскиот трибун Гај Мемиј во расправија со љубовен ривал дури го каснал за рака, расправајќи се за девојка.
Понекогаш за да се задржи љубовта се прикажувало богатство - како во комедија на Алексис (375-275 пне), каде што млад љубовник приредува богата гозба за да ја импресионира саканата. Ако не бил во состојба да го стори тоа или ако гозбата не била „на нивоу“, свршувачката можела да пропадне.
Разочараноста исто така не била непозната. Поетот Марцијал, на пример, грубо се исмева со поранешната љубена:
„Манеја, твоето мало куче ти го лиже лицето и усните. Чудо што кучето сака да јаде г*мна“.
Во старите времиња, како и денес, се дебатирало дали е подобро да се биде сам или во врска. Некои, како ликот во комедија од Менандар, тврделе дека бракот не вреди. Други жалеле што ја испуштиле приликата за љубов – како поетот Пиндар, кој ламентираш што не го освоил младиот Теоксен кога имал шанса.
„Требаше да го скинеш љубовниот цвет во вистинското време, срце мое, кога беше младо. Секој оној кој ќе погледне во блескавите зраци од очите на Теоксен и нема да биде исполнет со копнеж, има мрачно срце исполнето со студен оган, направено од железо или челик“.
Се чини дека љубовта, со сите нејзини радости, страдања и противречности, отсекогаш била неизбежен дел од човечкото искуство.