Бек, еден од најзначајните европски социолози, во оваа дисциплина има воведено неколку нови термини, како „бразилизација" или „рефлексивна модернизација". Но најпознатиот е сепак „Општество на ризик", промовиран во неговата книга „Општество на ризик: кон една нова модерност"(1986). Тој го подразбира начинот на кој модерното општество се организира и реагира на ризици од различен тип, а кои се поттикнати од самата модернизација. Освен Бек, уште еден британски социолог, Ентони Гиденс, го има анализирано истиот концепт, велејќи дека „општеството на ризик е она кое е преокупирано со иднината, па оттаму и со сигурноста, што пак генерира чувство на ризичност".
Но иако има природни катастрофи кои не можат секогаш да се предвидат и да се спречат, постојат и такви кои се резултат на човечката активност, па оттаму можат на време да се проценат, и или целосно да се спречат, или подготвено да се дочекаат. Во спротивно, доколку се дозволат катастрофи како на пример онаа во Чернобил, која е резултат на човечка грешка, тогаш се појавува јавна недоверба во индустријата, владите и експертите, што пак генерира нови типови ризици.
Сепак изворот на сите нив е ист - модерното општество кое е многу подинамично отколку кој и да е друг претходен тип на општествен поредок, и кое во неспоредливо поголем обем живее во иднината, а не во минатото.
Токму во врска со иднината, Бек во книгата „Германска Европа" од 2013 ги предупредил своите сограѓани во врска со Ангела Меркел, нарекувајќи ја „Меркијавели". Очигледно со смисла за хумор, тој предложил плоштадот во Минхен наречен Макс Вебер плац да се преименува во - Макс Вебер плац. Причина: оригиналното име го добил не според таткото на социологијата, туку според некој истакнат граѓанин на Минхен, случајно со истото име. Општината се согласила, и по изведената церемонија сега плоштадот го носи името на двајцата Макс Вебери.