Кога во 1985 излезе Тетрис, навидум едноставната и заразна игра на Алексеј Пајитнов, советскиот компјутерски инженер, таа многу бргу влезе во Гинисовата книга на светски рекорди како најчесто „портирана“ (прилагодувана за различни платформи). Луѓето кои посветено ја играа (а можеби некои се уште ја игра) се фаќаа како размислуваат како да ги комбинираат различните облици во реалниот свет, како пакети во продавница или згради. Или како пред очи им паѓаат различните форми од играта, или на маргините на видното поле или со затворени очи.
Ова може да претставува проблем во секојдневното функционирање, а е проучувано како феномен на „гејм трансфер“. Според оваа теорија, Тетрис, преку возбудата што ја предизвикува, значајно ја зголемува стапката на мозочен метаболизам на гликоза, што истовремено значи дека и потрошувачката на енергија енормно се зголемува. Сепак, по континуирано и долготрајно играње (4-8 недели) нивоата се враќаат на нормала, иако играњето значајно се подобрува. Ова сугерира дека мозокот се адаптира на новите барања на играта, но и дека со текот на времето тој се адаптира на когнитивно процесирање кое е поефикасно и оптимизирано. Сепак, самиот факт што мозокот се ангажира за задачи кои бараат постојана манипулација и организација на визуелни поттици, тоа некако се „врежува“ во меморијата и буквално искрснува пред очи, како да не може да се „изгаси“, онака како што може компјутерската игра.
Серија студии од 2010 со над 6000 играчи покажала дека „ефектот на Тетрис“ не е ограничен само на визуелното, туку може да вклучува и слушни, тактилни и кинестетички перцепции на нереалност и автоматски однесувања. Сепак, актуелната медицина не е подготвена за соодветно дијагностицирање на ваквите случаи, па оттаму тие често се класифицираат како „психотични“ состојби и непотребно се „лечат“ со лекарства за ваква намена. Сепак, поединци со претходни халуцинаторни тенденции е поверојатно да ги искусат ваквите ефекти.
Види претходно: Вистинската трилер приказна зад филмот „Тетрис“