Koга починал на 91 година, пред половина век, во некролозите бил наречен највлијателниот уметник на 20 век. Денес за Пабло Пикасо повеќе се зборува како за лик отколку за дело, и тоа како за „вампир“, „социопат“ и „нарцис“. Ова лето Бруклинскиот музеј во Њујорк ќе постави изложба под наслов „Пабло-матик“ (игра со зборови, во смисла на пробле-матично). Во Париз пак Музејот на Пикасо го има ангажирано модниот креатор Пол Смит за радикален редизајн на своите простории, за делата на Пикасо да станат поприфатливи за помладата генерација која го има „канселирано“ поради неговиот однос кон своите сопруги, љубовници и музи. Уште едно прашање е културната апропријација, на африкански артефакти кои Пикасо ги собирал и често ги вклучувал во своите дела.
Дали сето ова е навистина толку значајно за да ја доведе во прашање вредноста на 10.000 слики и цртежи, 100.000 графики, 24.000 илустрации за книги и 300 скулптури, од кои голем дел се сметаат за ремек-дела на светската уметност? Гардијан спровел анкета помеѓу уметници, колекционери, куратори и критичари кои се обидуваат да најдат некој баланс помеѓу неговото несомнено уметничко влијание и не баш ласкавите детали од неговата биографија, кои беа акцентирани релативно неодамна, во контекст на преиспитувањето на наследството на славните машки уметници низ призмата на #MeToo. Пренесуваме едно од искажувањата кое ги сумира дилемите, на Адријан Срл, уметнички критичар на Гардијан:
На Пикасо може да се гледа како на моструозен карактер во роман кој опфаќа речиси еден век. Привлечен е како авантурист кој оставил трага на уништување на својот пат: напуштања, предавства, самоубиства. Го имаме вампирот, андалузискиот мачо, харизматичниот манипулатор, социопатот, нарцисот. Потоа тука е минотаурот кој напаѓал млади девојки, силувачот од збирката графики на Амброаз Волар (водечки дилер со уметнички дела во Париз кој нарачал 100 цртежи од уметникот во 1930-тите, слика горе), крадецот на африкански племенски маски, кубистот кој разединувал па спојувал. Го гледаме Пикасо кој ја хранел својата уметност со женски делови од телото и ги претворал своите љубовници во пародични и пневматски играчки, карикатури на страдањето. Да не била неговата уметност, тој би бил само уште едно чудовиште кое ужасно ги третирало жените.
Сè лошо што ќе слушнете за Пикасо може да е вистина. Но што е со постојаната иновација и формална и стилистичка комплексност на неговото дело која остава без зборови? И маката, исто како и задоволството, се вградени во неговата уметност. За некого ова никогаш нема да биде доволно. Тој е сведок на премрежјата на 20-тиот век. Пикасо бил сентиментален комунист, истовремено модерен и суеверен. Роден во Малага во 1881, тој бил дете на 19- вековната провинциска Шпанија и со себе го носел своето воспитување. Неговата несомнена ужасност како човечко суштество е дел од таа комплексност. Нема решение за овие потешкотии. Не можете да го имате Пикасо без Пикасо.