Да беше жив, Бетовен денес би се збогатил само од авторски права: рингтонови за мобилни, музички аранжмани во секакви стилови, отпечатоци од неговата музика на чанти, шољи за кафе и чадори. Притоа, една од најпрепознатливите фрази е онаа со која се отвара Симфонијата број 5 во Ц-мол, опус 67, прв пат изведена во Виена во 1808. По угледот на другите симфонии на Бетовен кои имаат свои имиња („Херојска“, „Пасторална“) и петтата има свое име - Schicksals Sinfonie или Симфонија на судбината. По Втората светска војна била нарекувана и „Победничка“ со оглед на римскиот број со кој се означува, V (victory), а почетната фраза та-та-та-тааа била користена за буквата В во Морзеовиот код. Во текот на војната Би-би-си ги почнувала своите емитувања во Европа со овие четири удари на тапани.
Но ова не се имиња кои Бетовен ги регистрирал во оригиналните нотни записи на петтата, па оттаму тие се повеќе накнадни асоцијации, отколку првобитна идеја на композиторот. Раширеното толкување пак токму на звукот на првите четири ноти се должи на секретарот и биограф на Бетовен, Антон Шиндлер. Тој во своите записи прераскажува епизода, во која запрашан за почетокот на Петтата, композиторот наводно изјавил: „Ова е звукот на судбината која чука на вратата“.
Современи истражувачи сепак велат дека овој концепт е проблематичен, и тоа пред сè заради карактерот на спомнатиот Шиндлер. Тој е опишан како „сомнителен тип“, кој сакал да си го претстави односот со Бетовен како многу поблизок отколку што тој навистина бил.
Имено, девет години пред објавувањето на спомнатиот цитат Шиндлер напишал статија за симфонијата и за сопственото чувство за неа, во која се вели дека музиката се однесува на борба на херој со судбината. Фамозната изјава на композиторот таму ја нема, иако е сосема е можно Бетовен ова навистина да го кажал но во форма на „откачување“ на неговиот понекогаш досаден асистент, кој не пропуштал прилика да се офајди од нивната соработка.
Вистинската борба со судбината на самиот Бетовен во тој момент се состоела во неговото справување со тинитус-от или ѕвонењето во уши. Оваа негова мака почнала во 1798 и траела цели 16 години, додека тој сосема не оглувел. Во тек на третман во бања во Хајлигенштад во 1802 тој напишал во својот тестамент: „Малку ми треба да си го скратам животот. Само уметноста ме одржува“.
Ова е нова фаза во неговиот живот, но и во неговото творештво, кога тој развил нов оркестарски јазик, кој бил подлабок и поинтензивен. И сосема е легитимно ако некој овој звук го толкува како „судбински“. Сепак, секое дело би требало да е отворено за различни интерпретации, па така и ова, кое со наметнувањето на само една „исправна“ асоцијација за неговото значење на некој начин се ограничува.
Херберт фон Карајан во 1960-тите ги снимил сите Бетовенови симфонии, а оваа изведба од 1963 на петтата се смета за антологиска.
Извор: DW