Дали ви се случило некој маж да ве заќути објаснувајќи ви нешто со потценувачки тон? Мажјаснување (маж+објаснување) или mansplain се дефинира токму така: објаснување некому, обично на жена, нешто од страна на маж, на начин кој се смета за потценувачки и патронизирачки.
Неговата употреба започна во 2008, кога Ребека Солнит напиша есеј насловен „Мажите ми објаснуваат некои работи", во кој ги опишува нејзините искуства кога била корегирана или подучувана од мажи во врска со сè и сешто, дури и кога тие (мажите) не биле баш повикани да го прават тоа:
Секоја жена знае за што зборувам. Тоа е претпоставката која важи од време на време за секоја жена, во секоја област, онаа која им оневозможува на жените да го кренат гласот и да бидат слушнати кога ќе се осудат на тоа; која ги замолчува со тоа што им укажува, исто како што тоа го прават довикувањата по улица, дека ова не е нивен свет. Тоа нè навикнува да живееме во самосомневање и самоограничување, исто како што им дава сила на мажите да имаат неоснована самодоверба.
„Менсплејнинг“ беше одбран од страна на Њујорк Тајмс како еден од зборовите на годината во 2010, а таму беше наведен во форма на именка - mansplainer или: „Маж кој смета дека треба да објасни или да даде мислење во врска со сè, особено на жена. Тој зборува, често потценувачки, дури и ако не знае за што зборува или дури и кога тоа не е негова работа. Стар термин: boor“ (или по нашки, кретен). Што не значи дека нема и вакви жени, кои истото им го прават на други жени.
Еве како се зголемувала стапката на употреба на зборот кој во таа 2008 бил сосема нов. Сега тој е внесен во онлајн Оксфордскиот речник, но ако неговата употреба и понатаму го одржува овој тренд (исто како и самата појава која ја опишува) тој сигурно ќе остане во него.