Дали олеснувањето на животот всушност ни го прави потежок?

Со модерната технологија сè изгледа ефикасно, лесно, погодно. Но дали полесниот пат е секогаш и најдобриот?

Англискиот термин convenience се преведува со „погодност“, иако нијансите што ги содржи се тешко преводливи. Станува збор за нешто што е соодветно за одредена намена, но и лесно и ефикасно за употреба.

Такви се многу нешта во модерниот живот. Додека го пишуваме овој текст на блутут звучник оди џез (трубата на Ли Морган, ако баш ве интересира). Куцањето оди мазно, без голем механички отпор и врева од тастатурата, а по некоја минута истиот ќе биде качен на сајт и објавен така за да може да го прочита секој, од сите точки на планетава. За човечките суштества, дури и од неодамнешното минато, оваа технологија би била (согласно третиот закон на Артур Кларк), многу блиска до магија.

Фактот дека како култура ги славиме ваквите ефикасни решенија е разбирливо. Тие ни го олеснуваат пристапот до информации, ни штедат време и енергија. Сепак, повеќето луѓе интуитивно насетуваат дека ваквата „погодност“ има и помрачна страна. 

За да се објасни ова може да се послужиме со концептот на „еволутивна несовмесност“. Таа подразбира дека сме еволуирале со животен стил на ловци и собирачи и дека, иако животните услови ни се имаат драстично променето, нашите мозоци и тела се уште истите. Тоа значи дека нашите инстинкти се ужасно некомпатибилни со нашата околина.

За ловечко-собирачкото општество, храната и оттаму енергијата, биле ретки, што значи многу вредни. Раните луѓе биле исто така ранливи кога станувало збор за лошо време и предатори. Да се преживее значело одговорно трошење на енергијата и на ресурсите. 

Денес енергија и ресурси има во изобилие, па оттаму изгледа дека со нив можеме да се однесуваме и по малку „раскалашно“. Да ја пуштиме машината за алишта да врти наместо да переме со стап на река. Или да се качиме во автомобил наместо да се ѕенѕаме на коњ од точка А до точка Б. Но седечкиот животен стил, калоричната храна која не значи дека е и нутритивна и препуштањето на некој односно на нешто друго да ја врши работата со која се занимавале нашите предци има свој данок: eксплозија на метаболички проблеми, осаменост, непоседување основни вештини за преживување без помошта на технологијата. Потпирањето на механизми кои го олеснуваат решавањето на некој проблем во некои ситуации можат всушност да го нагласат. На пример, чувството на безбедност во домот може да поттикне или да влоши анксиозност кога тој треба да се напушти. Користењето апликација за љубовни состаноци за да се одбегне непријатноста на флертувањето само ги намалува социјалните вештини, итн.

Континуираното одбирање на погодниот и полесен пат ни ја намалува способноста да излегуваме на крај со тешкотии кои во принцип не можат да се одбегнат. Од еволутивна перспектива, одредена мерка на непријатност е суштинска за нашиот опстанок - исто толку колку и одморот и релаксацијата. Нашите предци не опстанале само со тоа што биле мрзливи, туку преку комбинација на одење на сигурно и преземање храбри ризици. 

Оттаму, модерната хипер-погодност е некој вид договор со Ѓаволот. Таа е заводлива затоа што им погодува на нашите инстинкти, но од друга страна во огромна мера нè осиромашува. 

извор

4 ноември 2024 - 17:26