
Не-човечката интелигенција е тема на долготрајна научна војна која трае веќе 150 години. Чарлс Дарвин бил првиот кој на Запад ги популаризирал способностите на растенијата што би можеле да бидат опишани како знак на интелигенција.
Сепак, ова не е широко прифатено. Интелигенцијата сè уште главно се дефинира како човечки квалитет. Строгите правила околу ова делумно се релаксирани во изминатите неколку децении, благодарејќи на приматолози и инсектолози кои агитираат за тоа нивните истражувачки субјекти (или објекти) да влезат во „клубот на паметните“. Гавраните употребуваат алатки, делфините и пчелите користат јазик, китовите комуницираат на големи далечини, октоподите се неверојатно вешти кога треба да избегаат - списокот станува сè подолг и подолг.
Растенијата сепак сè уште се вон неа. Идејата дека тие би можеле да бидат интелигентни се доживува како закана, дека концептот на интелигенција би можел премногу да се растегне. Растенијата не зборуваат, не се движат и не реагираат на начини кои повеќето луѓе би ги препознале како дејства на мислечки, независни суштества. Па сепак...
Изгледа дека влегуваме во нова ера на повици, што повеќе живот, вклучително и билки, да биде вклучен под чадорот на интелигенцијата. Книжарниците деновиве се полни со наслови како „Револуционерниот гениј на растенијата“, „Планта сапиенс“ и „Јадачи на светлина“. Нивните автори веќе и не се на маргините. Некои се похрабри, па наоѓаат однесувања кои ги етикетираат како интелигентни кај фунги, бактерии и парамециуми. Дури и клетките кои се дел од нашите тела сега се земаат како доказ на однесување кое може да се квалификува како интелигентно доколку би било регистрирано кај животно.
Но можеби работата треба да се погледне од спротивниот агол. Наместо постојано да внесуваме нови суштества во категоријата интелигенција, нови докази посочуваат на тоа дека има нешто катастрофално погрешно во начинот на кој ја разбираме. Едно радикално ново дефинирање може драматично да го зголеми нашето разбирање на овој феномен и да изнедри многу подобар концепт кој би го рестабилизирал балансот помеѓу човечкиот и нечовечкиот живот, среде еколошка криза која се заканува засекогаш да ја промени траекторијата на секое живо суштество на Земјата.
Со милениуми западните интелектуалци ги имаат отфрлано растенијата како инертна сценографија, на дното од она што Аристотел го нарекол „скала натурае“ - големиот синџир на нештата. Но откако ги набљудувал ловечките движења кои личат на животински на Венерината муволовка (слика горе) и други месојадни растенија, Дарвин почнал да се сомнева во оваа догма. Тој сметал дека растенијата можат да се сметаат за обратни луѓе, чии „мозоци“ се во коренот, контролиран од движењето и активноста на екстремитетите горе. Но оваа нова идеја изложена во „За потеклото на видовите“ била дочекана со молк.
Следат спорадични заживувања на научниот интерес за ова прашање. Така, во 1970-тите, кога поранешниот ЦИА агент Клив Бакстер објавил наоди од „испрашување“ на растение со детектор на лага, кое наводно му ги читало мислите. И покрај тоа што ова делувало крајно бесмислено, поттикнал истражувања во следните 30 години. На преминот на 21 век, „одметната“ група психолози на растенија (растителни психолози?) одлучиле дека е време постоечките теории за однесувањето на билките да ги спојат со напредокот во областа на молекуларната биологија, геномика, екологија и невропсихологија.
Од оваа комбинација произлегуваат интересни наоди. Дека растенијата имаат сетила, па дури и поголема сетилна моќ од луѓето. Тие можат да ги интегрираат сетилните информации и да НОСАТ ОДЛУКИ. Така, молекуларниот биолог Едвард Фармер и неговите колеги на Универзитетот во Лозана во 2000-тата заклучиле дека Арабидопсис (главниот модел-организам во проучувањата на растителната физиологија) го менува својот хормонален одговор во зависност од големината на гасеницата која се храни со неговите листови. Кога напаѓачот е мал, стратегијата е тој да се остави бидејќи е подобро да се биде јаден од нешто мало отколку од нешто големо. Сепак, кога е нападнат, листот сам се прави потежок за јадење, со производство на токсични хемикалии и протеини кои го отежнуваат варењето.
Едно толкување на ова, според Фармер, е дека растението може да донесе одлука за тоа колку енергија да потроши за да го одбие напаѓачот, базирано на големината на заканата кон неговата витална анатомија. Ова однесување е регистрирано и кај други растенија. Еден вид грав има особено макијавелистичка реакција: кога гасеницата почнува да го лази тој емитира хемикалија кои ги активира паразитните оси, па тие напаѓаат како „коњаница“ за да ги расчистат предаторите.
Истражувачи откриле и дека некои растенија покажуваат знаци на меморија. Спомнатата месојадна Венера ги брои патите кога некој инсект ги поттикнал нејзините сензорни влакна - два пати се потребни за таа да се затвори и да го зароби напаѓачот. За да одбегне лажен аларм, таа изгледа дека брои до три пред да ги испушти скапоцените дигестивни сокови. Растенијата кои го следат сонцето изгледа дека се способни да го употребат своето знаење за тоа кога тоа ќе изгрее, дури и по неколку денови во мрак. Други изгледа дека учат лекции од суши, потполно собирајќи се или затворајќи ги порите за испарување од своите листови, како подготовка за да излезат на крај со континуираната суша.
Дали овие и куп други елементи само изгледаат како интелигенција, или всушност се? И дали за ваквиот вид интелигенција треба да има некој префикс како „минимална“, „базална“ или „прото“? Овие термини би можеле да помогнат во опишување на когниција кај суштества кои не ги исполнуваат најбазичните побарувања на „интелигенцијата“ - централен нервен систем и повеќе од една клетка во организмот - истовремено признавајќи дека дел од нивното однесување делува неверојатно паметно.