„Мојата градина: годишник на еден млад градинар“ била објавена во 1855. Таа има убава светло зелена корица, која својата нијанса му ја должи на фактот што содржи - арсен.
Книгата е пронајдена во библиотека во Лидс, Британија, од страна на вработена која проверувала дали таму има некоја од книгите наведена во глобална база на познати токсични текстови. Оваа база е резултат на проектот „Отровна книга“, чии раководители се доктор Мелиса Тедон и доктор Рози Грејбурн од Музејот, градината и библиотеката Винтертур во САД. Нивната цел е да идентификуваат различни изданија на книги, главно од викторијанското доба, при чија изработка се користеле состојки опасни по човечкото здравје, како и тешки метали. Тие најчесто се вградени во кориците, а покрај арсенот станува збор за хром, жива и олово.
Иако денес ова не е пракса, во минатото тешките метали биле вообичаено користени при производството на книги, меѓу другото заради постигнување на естетски ефект, како во случајот со арсенот. Иако луѓето во тоа време биле свесни дека супстанците како оваа можат да бидат опасни, веројатно не ги сфаќале бројните начини на кои тие можат да бидат внесени во човечкото тело.
Проектот меѓу другото треба да послужи за библиотекарите, конзерваторите и истражувачите да знаат за кои конкретни книги станува збор и при работата со нив да носат ракавици, да ги мијат рацете, но и самите книги да бидат изолирани во посебен магацин. Анализите на составот на кориците биле вршени со спектроскопија, микроскопија со поларизирана светлина, како и со микрохемиски алатки.