Во светов не недостасува врева, особено на масовни случувања каде има и дополнително тропање, викање и скандирање. Во таа смисла, особено на спортските собири. 17-годишната Жеонгун Лили Мин од Лујзијана дошла на идеја дека оваа акустична енергија може да се искористи за добивање струја, како дел од задоволувањето на глобалните потреби за енергија и намалувањето на зависноста од фосилните горива.
Ова се нарекува уште и „пиезоелектричен ефект“ - електричен полнеж кој се собира во одредени цврсти материјали (кристали, одредени керамики и биолошки материјали како коски). Тие создаваат големо количество механичка енергија како вибрации или шокови. Но енергијата генерирана притоа главно се троши залудно, иако таа може да се конвертира од кинетичка во електрична.
Еден од најдобро познатите примери на струја генерирана преку пиезоелектричен ефект е оној на железничката станица Шибуја во Токио. Од 2008 до 2009, вон станицата била инсталирана таква подлога, дебела 2.5 сантиметри. Секојпат кога на неа ќе згазел патник, таа произведувала струја. Со 2.4 милиони луѓе кои поминувале низ станицата на дневна основа, подлогата произведувала околу 0,1-0,3 вати струја секоја секунда.
Што се однесува до спортските терени, според Американската академија за аудиологија, нивоата на врева на спортски настани можат да достигнат до 110 децибели. Тоа се големи, јавни простори идеални за истражување на техники на „жетварење“ на иновативна енергија.
Младата истражувачка направила модел на кошаркарски стадион со официјалните НБА пропорции, изработен од лесни материјали како пена и пластика, за да се симулираат структурните аспекти на реална спортска арена. Потоа пуштала аудио снимки на типична врева на спортски стадиони и дизајнирала три типа на модели за собирање енергија кои помагаат звукот да се фокусира кон пиезоелектричните генератори. Се покажало дека вака комбинираните алатки даваат многу поголем ефект отколку поединечните пиезоелектрични направи и можат да произведат неколку десетици миливолти. Со подобрување на квалитетот на материјалите, ефикасноста и стабилноста на „жетварењето“ би биле уште подобри.
Секако, предвид можат да дојдат и урбаните области со висок степен на сообраќај и постојана врева од возила, фабрики со нивните постојани татнежи и механичка врева, јавните транспортни системи и секако, онаму кадешто тоа не е доволно регулирано - кафани.