Пред пронаоѓањето на машините за куцање и подоцна компјутерите, во екот на индустријализацијата, морало да се најде начин да се убрза и процесот на запишување, без последици по службениците, секретарките, препишувачите и коресподентите. Иноваторот Остин Палмер почнал како чистач и курир, но развил токму таков метод на ракописно пишување кој во раниот 20 век бил доминантниот за подучување генерации запишувачи. Нивна работа била ефикасно и точно да фаќаат белешки или диктати и за тоа учеле специјално школо за „пенмашнип“, совладувајќи ја оваа вештина за која им била потребна и концентрација, и чувство за естетика, но и издржливи прсти и дланки.
Палмер тргнал токму од ова, од потребата за штедење на главните алатки за работа на пишувачите - рацете. Навикнати сме да пишуваме, со стегнато пенкало помеѓу прстите и со дланка која речиси целосно лежи на страна. Методот на Палмер е поинаков - не дланката туку подлактицата се потпира со својата внатрешна страна на масата, дланката не чувствува притисок и прстите се движат слободно. Оттаму тој се нарекува уште и „мускулен“ метод бидејќи главно почива на употребата на мускулот на раката.
Промоторите ја нагласувале неговата едноставност и брзина со која запишувачот можел да се натпреварува дури и со машината за куцање. Наставниците пак се фокусирале на дисциплината којашто ја подразбирал, а која според нив можела дури и да реформира деликвенти.
Методот почнал да губи од популарност во 1950-тите, но денес повторно да се спомнува во повиците за задолжително враќање на курзивот (краснописот) во основното образование во САД и други средини , а не само учење на „исправените“ букви. Затоа што синдром на карпал тунел може да има и некој кој е со дланките постојано на тастатура, а тука се плус и вкочането рамо, проблеми со видот, но и неможност рачно да напишеш и неколку зборови без да те здоболи раката од недостаток на кондиција.