
Пишувањето само со мали букви создава чувство на конверзациски тон без почеток и крај. Тоа го отстранува сериозниот тон што можат да го имаат некои преписки, дури и без да се трудите тоа да биде така. Ова е ставот на припадници на генерацијата З (зумери), родени помеѓу 1997-2012. Пишувањето без големи први букви на почетокот на реченицата или во лични именки и други зборови кои правописно се пишуваат со голема во различни јазици за нив не е само стилска перференца, туку културолошки маркер.
Оваа естетика ја имаат промовирано влијателни уметници, како Били Ајлиш, која ги пишува насловите на своите песни или албуми со сите мали букви, на пример „не ми се насмевнувај“ или „мојата иднина“.
Брендовите веќе го забележуваат ова, па Спотифај има листи (од жнаровите тин битс и чил вајбс) кои се испишани на ваков начин за да сигнализираат неформалност. Компанијата за производи за нега за коса, амика, чија целна група се миленијалци и ген З, го има направено истото, со амбалажи испишани само со мали букви кои емитираат „меки“, пристапни визуелни пораки.
Големите букви можат да бидат строги и „остри“, а пријателскиот и поспокоен тон е нешто што повеќе резонира со вредностите на оваа генерација. Таа има пораснато онлајн, каде линијата помеѓу формалната и неформалната комуникација често е замаглена. Пишувањето со мали букви е начин да се отфрли авторитетот и ригидноста поврзувана со традиционалната граматика.
Oва сепак не е сосема нов феномен. Особено во уметничката литература, во 20 век се има случено отфрлање на големите букви, како во песните на ЕЕ Камингс, каде тие се користат ретко и за постигнување на одреден ефект.