Ич не е просто

Дали и како да се подари книга за празниците?

За да подарите некому книга треба доволно да го познавате, дали воопшто сака да чита и што точно. Или пак да сте доволно блиски за да можете да го ставите пред свршен чин со избирање наслов, без тоа да се почувствува како наметнување. Плус да знаете дали таа книга веќе ја прочитал или ја има. И уште куп услови, кои прават подарувањето книга да не е ич едноставно.

Во текот на долгогодишното купување, трупање и читање книги едно правило станало јасно во нашето семејство и најтесен пријателски кружок - освен ако книгата не си ја напишал самиот, кога се подарува книга најдобро е таа да не се посветува. Потпишувањето како да ѝ ја запечатува социјалната судбина, и го затвора процесот на циркулација преку размена, ре-подарување или продавање. Секако постои и агресивниот начин на кинење на потпишаната страница, но тоа е чекор на кој малкумина од нас се решаваат. Ако веќе мора, едно ливче со порака внатре во книгата е веројатно најдобриот начин.

Втора работа која треба да се има предвид при подарување е нешто што би го нарекле „коефициент на исплатливост“, што на прва звучи грубо, но е всушност многу важно особено ако веќе сте во години кога не можете да си дозволите великодушно да си ги раздавате деновите на нешта кои не ве радуваат. Овој коефициент го подразбира потрошеното време кое книгата би го одзела за читање, споредено со задоволството или корисноста од истото. Тоа секако важи и при бирање книга за сопствено читање, но одговорноста станува уште поголема кога станува збор за некој друг. Затоа што процесот на давање во овој случај истовремено означува процес на одземање, енергија, внимание, скапоцено слободно време. Неискреното сигнализирање дека нешто навистина „вреди“ би требало да е некако казниво и во случај на филм, серија или претстава, но во случајот со книга да подразбира малку построга санкција.

Со подарување на книга го сигнализираме и сопствениот вкус, но постои опасност тоа да биде сфатено како его-трип ако таа не е баш соодветна на сензибилитетот и вкусот на оној кому му се подарува. Затоа понекогаш кратко објаснување помага - „ти ја земав книгава затоа што...“, за да се види дека си мислел на темата, а не си ја купил првата книга во купот кој бил на попуст. За подарување книги на домашните кои всушност самиот си сакал да ги добиеш треба да важи истото она со строгите санкции од погоре.

Еден од понеобичните моменти кои ми се имаат случено при подарување е со познаничка која се обидува да ја промовира идејата за нула отпад и да живее согласно овие принципи. Откако се изназборувавме за целиот концепт и неговата тешка остварливост во наши услови, особено затоа што одбивањето подарок кој не ти е потребен би можело да се сфати како крајна неблагодарност, непромислено ѝ подарив - книга. Со тоа се ставив токму во таа ситуација, таа да одбие па да биде едно незгодно, или да прифати и со тоа да ѝ одземам место во домот кое таа толку тешко го ослободила. Помогна тоа што книгата беше токму на еколошки теми, и што не беше дадена со аманет дека мора да биде прочитана и чувана.

Така некако, релаксирано би требало и да се подаруваат и да се примаат книги - на крајот на краиштата и тие се само предмети, кои ако не се бираат со внимателност и од срце тогаш тие имаат помала вредност и од најгрдиот отварач за шише или капа со рогови од ирвас. 

Илина, Букбокс

18 декември 2019 - 12:21