„Данте беше основоположник на десничарското мислење во нашата земја“, изјави министерот за култура на Италија, Џенаро Санџулијано, на изборен собир на партијата на премиерката Џорџија Мелони, Фратели д’ Италија во јануари. „Неговата визија за човештвото и меѓусебните врски, како и неговата политичка конструкција, се длабоко десничарски“.
Ваквата изјава поттикна бура реакции во Италија, а голем дел од политичарите, книжевниците и обичното граѓанство се спротивстави на ваквото присвојување. Но реалноста е дека постојат голем број интерпретации на неговиот лик и дело. Помеѓу нив е и онаа според која Данте е тотем на италијанскиот национализам. Неговите дела, од кои најпознато е „Божествената комедија“, еден од темелите на западната литература, се сметаат за извор на национална гордост во Италија. Како што покажаа прославите на 700 години од неговата смрт во 2021, споменот на него и италијанскиот идентитет се длабоко поврзани.
Врската е резултат на процесот на унификацијата на Италија. Во тоа време, Данте бил прогласен за „татко на земјата“, и тоа од највлијателните италијански интелектуалци. Помеѓу нив бил и филозофот Џовани Џентиле (1875-1944), министер за образование во владата на Мусолини и член на Италијанската фашистичка партија. Според него „идејата за Италија започнала со Данте“.
Интересно е тоа што точно истите зборови често се слушаат и од устата на левичарските политичари, кои немаат намера да се откажат од своето толкување. Поранешниот министер за култура, Дарио Франчесини, во 2021 изјави дека „Данте е самата суштина на Италија“.
Низ историјата многумина сакале да си го присвојат Данте, исто онака како што многумина сакаат да си ги присвојат Александар Македонски, Гоце или кој и да е друг значаен историски лик. Имало и католички обиди, преку три официјални папски документи кои се однесувале на него. Имало и комунисти кои го сметале за „свој“ - во предговорот на италијанското издание на „Манифестот“ на Маркс и Енгелс, Данте е дефиниран како „последниот поет на средниот век, и првиот поет на модерното време“. И, на крај фашистите - во текот на владеење на Мусолини, помеѓу 1922-1945 биле објавени две книги кои го поврзувале поетот со водачот.
Секако, уметноста трпи различни толкувања. Но ваквите апропријации од различни идеолошки табори се и опасни, а често и погрешни. Наместо авторитарност, агресија и натпревар, пораката на Данте е за солидарност и слободна волја. Наспроти идентитетот и национализмот на десничарските политики, „Божествената комедија“ е за универзализам, базиран токму на сложеноста и шареноликоста на човечката природа. Наместо обиди за вкалапување на Данте во некаква политичка фиока, подобро е да се слави неговата љубопитност и храброста да се постават значајни морални прашања.