Марија Терезија Селма Арија Корнелија Минона се родила на 8 април 1813 во Виена. Два века подоцна најверојатно никој не би се сеќавал на Минона фон Штакелберг, како што подоцна се нарекла. Но нејзината „слава“ се должи на претпоставката дека нејзиниот биолошки татко бил големиот Лудвиг ван Бетовен, односно дека таа била неговото единствено дете.
Пролетта 1827 Антон Шиндлер, приватниот секретар и раководител на наследството на Бетовен, пронашол писмо во тајна фиока на починатиот композитор, скриено заедно со банкарски обврзници и минијатурни портрети на две непознати жени. Денес познато како писмо до „Бесмртната љубена“, тоа содржи длабоки чуства на болка и страст. Сепак, кому му е наменето?
Одговорот не е баш едноставен, со оглед на тоа што композиторот, иако не бил физички привлечен, постојано бил во некаква врска, со голем број жени кои на тој начин стануваат кандидати за „Бесмртната“. Сите биле убави и возбудливи, а повеќето од нив и од аристократските кругови.
Мистериозното љубовно писмо било напишано во три дела, но не се знае дали копија од него е воопшто испратено на онаа на која ѝ е наменето. Она што се знае е дека во тој период, 41-годишниот композитор заминал на бања северо-западно од Прага и минал некое време во Карлови Вари, тогаш популарно одмаралиште.
Откриено е дека истовремено таму била две пријателки на Бетовен: Антонија Брентано и Џозефина Брунсвик. Со децении, истражувачите се делат на два групи: „Брентанисти“ и „Џозефинисти“, но со текот на времето вторите како да преовладуваат.
Се верува дека грофицата Џозефина де Коромпа имала 19 години кога го привлекла интересот на Бетовен. Композиторот им давал бесплатни часови на неа и на нејзината сестра Тереза, а тројцата оделе и на долги прошетки во шумите. Неговите бројни изјави на љубов кон нив ги вклучуваат шесте варијации „Мислам на вас“, кои им се и официјално посветени.
Но Џозефина му нанела голем удар на Лудвиг, мажејќи се за извесен гроф. По смртта на грофот во 1804, нивната љубов повторно се разгорела. Таа била интересна жена - во текот на нејзиниот 42-годишен живот родила осум деца од различни мажи, Најмалку две од нив, ќерките Марија Лаура и Емилија, биле вонбрачни. Татковците на овие девојчиња биле приватни учители по пијано на Брунсвик, исто како и Бетовен.
Во април 1813 се родило седмото дете, девет месеци по писмото до „Бесмртната љубена“. На хартија таа била ќерка на извесен Кристоф фон Штакелберг, со кого таа тогаш била во брак. Но детето, чие име Минона прочитано наназад гласи „аноним“, било запоставено, до тој степен што сестрата на Џозефина морала да позајми коза од некои селани за да ја прехрани. Минона, со уште една ќерка на Џозефина, подоцна биле полициски одземени од мајката. Нивниот официјален татко практично ги киднапирал и ги однел во Естонија, каде пораснале во социјална изолација, и биле воспитани во строг религиски дух.
Минона се вратила во Виена дури по смрта на таткото, и починала таму на возраст од 84 години. Целиот живот зборувала со тежок балтички акцент и ја сметале за ексцентрик.
Нејзината судбина го инспирирала естонскиот композитор Јури Реинвере да ја создаде операта „Минона“, која премиерно беше изведена во Регензбург во јануари 2020. Истражувајќи за либретото, тој открил архивски материјал во својата татковина: според него Минона била музички надарена како дете, иако татко ѝ не дозволувал да се занимава со музика. Овој детал е интересен бидејќи тој бил сметан за прилично прогресивен - инспириран од швајцарскиот педагог Песталоци, отворил училишта за селските деца и практично го основал естонскиот национален училишен систем.
Но дали Минона била дете на Бетовен? Единствен сигурен доказ би била генетска анализа, но до тогаш останува само една слика од нејзината младост, на која оние кои сакаат тоа да го видат, забележуваат сличност со композиторот во младоста.