Кога во понеделникот вечер (2.9.) на Венецијанскиот филмски фестивал заврши проекцијата на новиот филм на Алмодовар, „Соседната соба“, публиката аплаудираше цели 17 минути. Toa (некој фатил да пресмета) е една шестина од самото времетраење на филмот. Ова е досега најдолгата овација на овој фестивал, но не значи дека тоа ќе биде крајот. Имено, ваквите вести за рушење рекорди во ракоплескање на фестивали (често придружени со фотографии на расплакани автори и актери) како Венеција и Кан како да стануваат задолжителни, одземајќи го вниманието од квалитетот на самиот филм.
Всушност, овацијата за Алмодовар го сруши рекордот поставен само една вечер претходно од „Бруталист“ - епски филм на американскиот режисер Брејди Корбет, со 13-минутен аплауз (пропорционално поразумно ако се земат предвид 215-те минути колку што трае филмот). 11 минути траеше пак аплаузот на новата драма со Даниел Крег, „Квир“, базиран на автобиографскиот роман на Вилијам Бароуз. Всушност, како што тече фестивалот, така минутажата на аплаузите се зголемува - провокативниот „Бејбигрл“ со Никол Кидман, кој беше прикажан на почетокот, доби „само“ седум минути, а осум заработи Анџелина Џоли за биографскиот филм за Марија Калас. Додуша, ваквата шема (подоцна на фестивалот-подолг аплауз) ја демантираше премиерата на „Волци“ со Џорџ Клуни (почесен граѓани на Венеција) и Бред Пит, со само четири минути, едвај колку што трае одјавната шпица.
На кого всушност се однесуваат ентузијастичните овации и аплаузи? На самиот филм или на ѕвездите од калибарот на Алмодовар, Свинтон, Џоли? Една илустрација покажува дека не ќе да е првото - трилерот „Пејпербој“ на Ли Даниелс доби 15-минутни овации на Кан ама иронично (и парадоксално) истиот беше исвиркан на прес конференцијата истиот дој ден. Гласините тогаш беа дека луѓето од маркетинг одделот на филмот, незадоволни од реакцијата на критичарите, намерно поставиле „плескачи“ низ публиката за да го распалуваат расположението.
Без оглед дали е ова точно, должината на аплаузот станува значаен Пи-ар момент, и покрај тоа што вревата на раце што аплаудираат не е никаква метрика за предвидување награди или успех на благајните.