За Чарлс Осборн жителите на Антон, Ајова, велат дека бил пријателски настроен човек кој имал специфичен начин на зборување, стратешки осмислен така за да го прикрива звукот на постојаното икање. А тоа го следело богами долго - од несреќа која му се случила на 13 јуни 1922, па до еден убав ден во 1990, кога икањето престанало без видлива причина. Според Гинисовата книга на рекорди, ова и денес е најдолгиот напад на икање, во траење од цели 68 години.
Инцидентот за којшто станува збор се случил на фарма кадешто работел тогаш младиот Осборн. Тој се обидувал да закачи свиња од над 150 килограми на кука за касапење кога паднал. Не почувствувал ништо, но докторот подоцна рекол дека притоа бил оштетен крвен сад со големина на игла во мозокот. Во просек, Осборн од тогаш трпел 20-40 спазми на дијафрагмата во минута. Проценката вели дека до својата смрт во мај 1991 на возраст од 97 години тој имал икнато повеќе од 430 милиони пати.
Секако, не само што во текот на сите тие години Озборн се обидувал да си го најде чарето, туку и куп доктори експериментирале врз него. Еден од нив, од познатата клиника Мајо, успеал да му ги сопре икањата со тоа што му дал да вдишува јаглерод моноксид и кислород, но за малку ќе го отруел. Наместо тоа, Осборн научил техника на дишење која го минимизира карактеристичниот „хик“ звук, кој се создава од ненадејното затворање на гласните жици по неволна контракција. За да не се слуша звукот, тој практично дишел помеѓу икањата.
Докторите денес велат дека Осборн најверојатно се здобил со мали повреди на ребрата во текот на инцидентот од 1922. Долните ребра се поврзани со дијафрагмата, мускул помеѓу градите и стомакот кој се стега кога произведува икање. Со други зборови, причина за бескрајното икање била оштетена дијафрагма.
Според други, со тоа што си ја удрил главата, Осборн можеби доживеал мозочен удар, а пролонгираните, болни икања кои се појавуваат од никаде често се знак на удар, особено ако се придружени со симптоми како болки во градите и вртоглавици.
Ако е воопшто некаква утеха, Осборн веројатно би останал непознат да не биле неговите икања. Често се појавувал на телевизија, добивал купишта пошта од гледачи кои му нуделе разни иљачи. Икањето не му пречело да има релативно нормален семеен живот - се женел два пати и имал осум деца. Заработувал од продажба на земјоделска механизација и стока. Цел живот морал да јаде нешта поминати низ блендер, но чорбата за ручек дополнително ја залевал со неколку пива. Годината од 1990 до смртта во 1991, кога не икал, веројатно му била божествена.