
Викторијанска Англија дала голем број големи мислители. Некои, како Чарлс Даврин, го промениле начинот на кој го разбираме светот, но други паднале во заборав, заедно со своите идеи, кои всушност ги поставиле основите за подоцнежните откритија.
Некаде на половина пат е Херберт Спенсер, роден на денешен ден, 27.4. во 1820.
Првите написи за еволуцијата на Спенсер биле од 1851, осум години пред објавувањето на „Потеклото на видовите“. Иако обично оваа фраза му се припишува на Дарвин, „опстанокот на најприлагодените“ (или најспособните) не е негова, туку тој подоцна само ја користел (читај: препишал) во своите дела. Прв ја употребил Спенсер во својата книга од 1864, „Принципи на биологијата“, каде согледал паралели помеѓу своите конзервативни идеи за економијата и она што Дарвин го напишал за природниот свет. „Опстанокот на најприлагодените е она што г-дин Дарвин го има наречено ’природна селекција’, или зачувување на фаворизираните раси во борба за животот“, напишал тој.
Разликата помеѓу него и Дарвин е што Спенсер повеќе се интересирал за тоа како теоријата на еволуцијата би можела да се примени во други области, вон биологијата. Она што подоцна ќе стане познато како „социјален Дарвинизам“ денес е остро критикувано поради идејата дека успешните го заслужуваат својот успех (бидејќи успеале да се прилагодат на околностите), додека оние другите ја заслужуваат својата пропаст.
Поради последново, идеите на Спенсер денес се спомнуваат маргинално, како фуснота на Дарвин. Но злоупотребата на „опстанокот на најспособните“ за оправдување на дискриминирачки и расистички идеологии можеби е токму тоа - злоупотреба на ставови кои биле многу подлабоки од она што денес се знае за нив.
Според Спенсер, природата е добра сила, која го одредува развојот на поединците и на општествата, со тоа што овозможува натпревар, а страдањето на коешто се изложени поединци долгорочно „се исплати“ за колективот, бидејќи на тој начин покажува каде се слабите точки на општеството.
Да се поддржат ваквите идеи денес подразбира инстантно „канселирање“, но на времето ептен им се бендисале на влијателните конзервативци и на капиталистите кои се залагале за либерална економија. Се вели дека самиот Спенсер го мразел социјализмот бидејќи сметал дека тој ги штити слабите, а тоа индиректно значело мешање во природниот, еволутивен процес.
Да се изведуваат етички принципи од природата во текот на 20 век се покажало како катастрофална идеја, и послужило за оправдување на масовни злосторства и насилства. Спенсер пак бил пацифист, и сметал дека прогресивно општество не може да биде такво ако во него не владее мир. На времето му се спротивставил на британското учество во колонијалните војни. Имал широки познавања од различни области а еден од неговите изуми е претходникот на денешната спојувалка за хартија.
Во 1902, кратко време пред смртта, бил номиниран за Нобеловата награда за литература, но таа му била доделена на Германецот Теодор Момсен. Починал во 1903 и е погребан во Лондон, на гробиштата Хајгејт, спроти Карл Маркс, чии идеи ги мразел.