Човекот што бараше начин да не му го украдат трупот по смртта

Со векови, лекарите и научниците дисецирале човечки тела за да ја разберат човечката анатомија. Прилив на трупови добивале од извршувањето смртни казни. Но како што казнените системи „омекнувале“, така почнало да снемува материјал а да се зголемува бројот на трупокрадачи. Еден Англичанец одлучил да преземе сè за да не им падне во рацете.

Со развојот на државните правни системи, кои подразбирале намален број егзекуции, побарувачката за трупови во медицинските училишта растела, а со тоа подем доживеал еден мрачен бизнис - кражбата на мртовци од локалните гробници.

Како реакција на ова гробиштата вовеле екстремни мерки: најмиле чувари, инсталирале стапици, дури и ги заштитувале гробовите со кафези. Најефикасно било чувањето на труповите во мртовечници додека не се распаднат, по што тие веќе не биле употребливи за крадците. 

Но еден човек, Хенри Тиг, развил необичен метод за да се обезбеди дека неговото тело, по смртта, нема да биде украдено. 

Тој живеел во раниот 18 век во мало гратче во Хертфордиш, Англија. Како успешен пиљар, во своја сопственост имал неколку дуќани низ градот и бил почитуван, меѓу другото и како клисар на локалната црква. Приказната веил дека по неколку пијачи во таверната, Хенри и пријателите оделе накај дома по пат што минувал крај гробиштата. Забележале грабнувачи на трупови, кои ги ископувале остатоците од „тазе“ мртовец за продажба. Глетката толку го вознемирила Хенри, што тој тогаш и таму одлучил дека ќе стори сè да ја превенира таквата судбина на сопственото тело. 

Во тестаментот напишал дека бара неговите остатоци да бидат ставени во сандак, но да не бидат погребани на црковните гробишта. Генијалното решение било сандакот да се постави под кровните талпи на неговиот амбар. Додал дека телото треба да остане таму минимум три години, по што верувал дека ќе воскресне. За тоа време портите од амбарот требало да бидат заклучени одвнатре, а клучот да биде ставен внатре сандакот, за тој да може потоа да излезе од објектот (како требало да излезе тој што ќе заклучи и ќе го стави клучот во сандакот, тоа не е јасно). 

Хенри умрел во 1724, неколку години откако бил срочен необичниот тестамент. Бидејќи никогаш не се оженил и немал директни потомци, тој го оставил имотот на брата си, свештеникот Томас Триг, кој бил задолжен да му  ја исполни последната желба - во спротивно имотот ќе одел кај другиот брат. 

Томас ја испочитувал желбата на Хенри. Ова толку ги возбудило локалните жители што почнале „туристички“ да го посетуваат амбарот. Така, сандакот останал да стои долго време, иако планот со заштитата на телото не успеал. Кога дрвениот ковчег почнал да се распаѓа на почетокот на 1800-тите, некој дрводелец украл заб од Хенри и прамен негова коса. Кога археолошко здружение ги испитало остатоците во 1906, фалел третина од скелетот. Ова продолжило и за време на Првата светска војна, кога војниците краделе коски и ги заменувале со коњски. 

Во 1999, кога имотот бил купен од Нешнл Вестминстер Бенк, во текот на реновациите, сандакот бил привремено преселен во мртовечница. Никој не знае што се случило потоа и каде исчезнале остатоците - но јасно е дека сиротиот Хенри не доживеал достоинствен третман по смртта, на каков што се надевал.

Денес, амбарот се уште стои на местото, заедно со празниот сандак под кровните греди. 

извор

5 ноември 2024 - 18:29