При крајот на 1930-тите млад британски банкар по име Николас Винтон слушнал за хуманитарната криза во Чехословачка предизвикана од анектирањето на Судетенланд - делови од земјата главно населени од судетски Германци. Ова се случува веднаш по припојувањето на Австрија кон Рајхот и е најава за следните експанзионистички чекори на Хитлер и почетокот на Втората светска војна.
Винтон самиот заминува за Чехословачка и таму ја сведочи опасноста на која се изложени еврејските семејства. Само со неколкумина соработници, тој успева да ја убеди британската влада да ги прими барем децата, со тоа што ќе обезбеди згрижувачки семејства, за нешто што тогаш делува како привремено решение.
Режисерот Џејмс Хејвс (најпознат по телевизиските серии „Слоу хорсис“ и „Сноупирсер“) не е нешто прекреативен во претставувањето на приказната, која личи на голем број други воени со „спасувачка“ содржина. Но актерите, пред сè Ентони Хопкинс во улогата на возрасниот Николас, како и ре-креацијата на фамозните епизоди од британското ТВ шоу „Тоа е животот!“ каде се случува средба со преживеаните години подоцна, прават ова сепак да биде трогателен филм за еден скромен човек кој до крај сметал дека можел да направи и повеќе. Особено го мачела судбината на 250 деца, кои се качиле на воз за Прага токму на денот кога била објавена војната (1 септември 1939), кога границите биле затворени. Нацистите ги извадиле од возот и повеќето од нив биле убиени.
Дека се чувствувал така дури и на 100-годишна возраст сведочи разговорот кој го имал со Јан Канинг, продуцентот на филмот. Овој во 2015 го посетил во неговиот дом за да му понуди да снимат филм за неговиот херојски потфат. „До денес тоа е најлошиот состанок кој некогаш сум го имал“, вели Канинг. „Тој рече: Фала, ама нема потреба, не мора никој друг не мора да знае за ова“.
По неговата смрт продуцентите сепак не се откажале и работеле со неговата ќерка, Барбара, која им дала пристап до архивите. За жал таа починала во 2022, пред да го види филмот. Таа е исто така авторка на биографска книга за него која тој ѝ дозволил да ја напише под услов да не биде претставен како „супер-човек“.
Трејлер за филмот - дури кога ја снимиле сцената Хопкинс открил дека дел од статистите во публиката се реалните деца спасени од Винтон.