Почина Патрис Шеро

Човекот кој го смени ликот на модерната опера

Режисер, актер и продуцент, Шеро во музичките кругови ќе биде запамтен по антологиските оперски поставки, особено по тетралогијата „Прстенот на Нибелунзите“ на Вагнер, чии дела, и по два века од неговото раѓање, остануваат голем предизвик и за режисерите и за изведувачите.

Во текстовите кои се појавија во чест на Шеро, кој почина од рак на белите дробови на 68, најчесто се споменува неговиот единствен филм на англиски од 2001, „Интимност", заснован на романот на Ханиф Курејши, кој предизвика голема дебата заради несимулираниот секс, но ја доби Златната мечка на Берлинскиот фестивал. Негов е и „Кралицата Марго" кој ја доби главната награда на критиката во Кан во 1994.

Она што во филмските кругови сепак помалку се знае е дека паралалено со неговата филмска кариера со огромен успех течела и една друга, онаа на режирање опери. Опишан како театарски визионер во оваа област, тој засекогаш го сменил ликот на модерната опера кога во 1976, на стогодишнината од првата изведба на делото во Бајројт, музичкиот фестивал посветен на оперите на Вагнер основан и промовиран од самиот композитор, ја поставил „Прстенот на Нибелунзите“, толкувајќи ја во сосема нов клуч, како персонификација на надоаѓањето на капитализмот.

Првата продукција на „Прстенот на Нибелунзите" била изведена во 1876, а од тогаш секои пет до седум години се прави нова претстава, по што следи една година во која публиката се одмара од ова епско дело. Тоа всушност се состои од четири опери кои можат да се изведуваат одделно, но кои според идејата на Вагнер требало да одат во серија - Рајнското злато, Валкирите, Зигфрид и Самрак на боговитеПретставата на Шаро била на репертоарот на фестивалот четири години, а на последната изведба во 1980 добила 45-минутни овации.

Тука првиот дел од таа антологиска поставка на Шаро на „Прстенот", во траење од 2 часа и 23 минути. Ако ви тргне, ги има и останатите, со англиски превод. На oвој начин се придружуваме на одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на Вагнер, која ја прослави и Македонската опера, со концертот посветен на неговите дела кој се одржа на 5.10. Меѓу другите на него настапи и Игор Дурловски, кој ова лето играл една од улогите во „Кралот на самовилите“ токму на фестивалот во Бајројт. На 19 октомври во Скопје ќе се организира и меѓународна конференција, која е посветена на оваа, но и на уште една двестагодишнина, онаа од раѓањето на Верди.

За оние за кои ова е премногу, а сепак ја ценат општата (оперска) култура, еве нешто по „лајт“ - кратка содржина на тетралогијата:

 

9 октомври 2013 - 09:02