Скандалозно

Читателите на Букбокс не читаат!

Честитки што откако го прочитавте насловот продолживте со овој вовед. По оваа фаза бројот на читатели обично уште повеќе се намалува, за при крајот на текстовите (кои во рубрикава - признаваме - знаат и да забегаат) да останат само најупорните. Тоа го забележале и во NPR.

National Public Radio за 1. април си поигра малку со своите читатели, објавувајќи статија со помпезен наслов, „Зошто Америка веќе не чита?". Во текстот кој е само неколку реда редакцијата ја изразува својата загриженост од тоа што луѓето често коментираат на статиите без всушност да ги прочитаат, и честитајќи им го празникот на шегата на оние кои го прочитале воведот ги замолува да кликнат лајк но да не коментираат, за да се види што ќе напишат оние другите, кои застанале кај насловот.

И навистина, сè додека приказната не се појави во бројни медиуми, луѓево се утепаа од коментирање за тоа зошто Америка не чита, со тоа всушност обелоденувајќи колку - не читаат. „Сте објавиле слика од КНИГИ", се дере една читателка во капс лок, „се сеќавате што се тие? Не зборуваме за смс пораки или фб статии..се работи за ВИСТИНСКО читање...Луѓето немаат доволен опсег на внимание или трпение да читаат". „Читам секој ден, понекогаш по повеќе пати", убедливо тврди друга.

И на сите им веруваме, исто како и на вас. Дека не само што ги читате текстовите, туку дека ги читате и толку детално што би забележале ако во нив вметнеме некоја сублиминал порака. Пример, во овој?

5 април 2014 - 10:16