Кога ќе се појави да ги испита скапоцените камења, бргу извадете го огледалото за змејот да може да го види сопствениот одраз и извикајте „Ecce Narcisso Draconis Attractivae!". Оваа магија ќе го припитоми змејот - но внимавајте кога ќе помине дејството! (во прилог примерок од змејски прав)
Според македонскиот народен календар овој период, од Божик до Водици, е време на таканаречените „некрстени денови", кога по земјата шетаат вампири, караконџоли, таласони и други демонски суштества. Токму тие, суштествата од митолошката ризница на различни култури, се основа и за најпопуларните ликови во холивудските авантури/акции/фантазии и компјутерските игрици. Еден од најексплоатираните архетипски ликови-матрици од овој тип е секако оној на змејот. „Нешто" со лице на крокодил, очи на гуштер, тело на змија, крилја на огромна птица, кое блуе оган летајќи ви во пресрет..сето ова звучи пострашно од свински грип. Во времето кога приказните за добра ноќ се кажувале исклучиво усно, покрај топло ќумбе додека надвор фучи ветрот, детската фантазија веројатно создавала уште поживи слики за ваквите суштества, кои сега ги добиваме како готови аватари. Парадоксално, но колку што сме попретрупани со нивни визуелни претстави, толку помалку реално во нив веруваме.
Книгата Змејологија не е (само) за деца. Замислена како тотален прирачник за змејови, во неа има сè за овие суштества кои се третирани како малку необични, но никако не и измислени. Како и во секој сериозен учебник по зоологија, во неа има податоци за анатомијата и физиологијата на змејот, за неговиот животен циклус, за разликите помеѓу западните и источните змејови, дополнети со детални описи на нивниот психолошки профил, упатства за нивно пронаоѓање и следење, и за ултимативниот потфат - нивното припитомување.
Змејот е во основа добар, но недоверлив и див. Во македонската митологија тој, на пример, е заштитник на селскиот атар од градоносни облаци и други штетници, но својата моќ ја става во корист на луѓето само ако е добро третиран од неговите штитеници. Мераклија на жени, тој често си одбира млада девојка во чиј дом влегува низ оџакот во вид на силен ветер, или ја граба од средсело од празничното оро. Исто како и мажот заведен од самовила, и љубовницата на змејот се разликувала од обичните жени по бледилото, недружељубивоста и молчаливоста. Значи никако не е да се заљубиш - ни во човек, ни во змеј...
Змејот е моќен, а тоа е истовремено и многу привлечно и многу опасно. Оттаму и предупредувањата на д-р Дрејк, наводниот автор на книгата, кој укажува на можноста магиите за припитомување на змејот да дадат сосема спротивен ефект. Наместо обид за потчинување на оваа природна сила, тој препорачува само давање прилог во зачувувањето и заштитувањето на неколкуте змејови кои до денес опстанале на Земјата.
Тие, и нашата комерцијализирана и подзагубена фантазија, се дефинитивно загрозени видови. Допрете го примерокот мембрана од крило на млад поларен змеј на петтата страница, и тоа тактилно искуство ќе ве катапултира во светот каде границите помеѓу измисленото и стварното се тенки како најфина пајажина, која се нафатила на крилјата на некој змеј, кој можеби спие и стрпливо чека во подрумот на вашата зграда.
* * *
Издавачот Табернакул доделува еден примерок на читател/ка кој/а ќе ни испрати најкреативен рецепт за магија за припитомување на змеј, или ќе ни нацрта (на рака па скенирано, или компјутерски) како изгледа неговиот/нејзиниот змеј.