Кога во 1974 конечно била објавена, откако 121 пат била одбиена од различни издавачки куќи (повеќе од која и да е друга одбивана книга која подоцна станала бестселер, заради што е влезена во Гинисовата книга на рекорди), „Зен и уметноста на поправање мотори" на Роберт Пирсиг предизвикала сензација во литературните кругови, продавајќи се во за овој жанр неверојатни 5 милиони примероци. Огромен број читатели, главно од таканаречената „бит" генерација, биле длабоко трогнати од приказната на авторот (во книгата под симболичното име Федар) и неговиот син Крис, и нивната вистинска, 17-дневна мотоциклистичка и емоционална одисеја од Минесота до Калифорнија.
Речиси дваесет години подоцна, кога стигна до мене, книгата која неколку пати ја отварав, и веќе по првите десет страници ја затворав, конечно ме одбра. Стрпливо чекаше да бидам подготвена за ударот кој го задава, како оној којшто будистичките учители им го задаваат на учениците во текот на медитацијата, кога ќе забележат дека младиве ги фаќа дремка. Одлучни силно да замавне, и да ме разбуди. Безмалку физички, тој удар го чувствувам и денес, после неброени препрочитувања на „Зен..", и три години нејзино преведување.
За слично искуство зборуваат и бројните, не фанови, туку повеќе проучувачи или поддржувачи на делото на Пирсиг, кои во неговиот светоглед, кој се обидува да ги состави кршениците на „класичната", западна цивилизација и неа да ја помири со „романтичниот" Исток, го нашле одговорот на бројните филозофски и животни прашања. Роман, патепис, потрага, збирка предавања или исповед, „Зен.." е сложена приказна за меѓучовечките односи, вредностите, лудилото, и помирувањето, со самиот себеси и со светот.
Иако причините зошто некоја книга е за некого посебна се интимни, и оттаму тешко објасниви, сепак има една работа која Пирсиг ја нуди како решение на метафизичките проблеми, и која веројатно ги погодува сите оние кои такво решение (читај: утеха) не успеваат да најдат во ниту една друга идеологија, филозофска школа или религија. За него врвен етички и естетски, но пред сè животен принцип, кој како во некое свето Тројство ги обединува изврсноста, вредноста и добрината, е - Квалитетот (со големо К). Овој концепт е толку едноставен, непосреден и директен што не трпи дефиниција, но и покрај неговата неискажливост тој може да се препознае, само доколку сме доволно стрпливи за да го видиме и слушнеме, и преку него да го почувствуваме „целиот универзум, а не само нашите застојани уверувања за него". Преку воочувањето на Квалитетот ние искусуваме како е да се биде дел од светот, а не негов непријател.
Неуспешно обидувајќи се да им го објасни и пренесе концептот на Квалитет на неговите студенти по книжевност, на колегите и пријателите, Пирсиг (кој на 9 годишна возраст имал IQ 170) завршува во психијатриска болница, на границите на здравиот разум. Моторџиското патување со синот и пријателите, опишано во книгата, се случува по терапијата со електро шокови, како симболичко враќање во „реалниот" свет. После „Зен.." тој има напишано само уште една книга, во 1991 („Лила: испитување на моралот"), и тоа како одговор на бројните барања на неговите читатели. Живее повлечено, особено по трагичната случка, во која син му (истиот тој од книгата) е избоден до смрт пред (каква иронија!) Зен центарот во Сан Франциско. Постои посебен водич за читање на „Зен..", а Роберт Редфорд беше на пат да сними и филм според неа.
На македонски ја издаде Слово во 2003, но по повод 2-риот роденден на Букбокс можете слободно да ја симнете од нашата „Книготека". Патувајте, како на мотор, и дозволете ветерот да ве шиба по лице.
Илина, Букбокс