Така барем повеќето од нас го паметат Јадранското море, кое како и географски да ни се оддалечи кога престана да биде наше. Психолошкиот ефект кој го имаат границите, дури и во ситуација на безвизен режим, е голем. Откако го „загубивме" Јадранот, официјално се претворивме во она што всушност и претходно бевме – во континенталци. Сега им завидуваме дури и на Дојранчани, на смоквите, олеандрите, слаткото од киви, и на воздухот што го дишат. Со едната нога во плиткото во Халкидики, и со другата некаде кај Будва, или за поамбициозните на Корчула или Вис, секое лето се наоѓаме во расчекор помеѓу нашите желби, патриотски дилеми, југо-носталгични побуди, физиолошки потреби од јод и, ласт бат нот лист, свежи лигњи. Некои, за инает, секое лето одат на село кај баба. Но длабоко во себе страдаат и со нетрпение очекуваат некаква геолошка пресвртница: гооолема вода да се приближи до копното, а тоа да не биде цунами.
Хрватите имаат неколку одлични, современи автори, растени на далматински пршут. Наместо нивните стапки да се овековечени во цемент, како на Холивудскиот булевар, согласно медитеранската склоност кон ефемерното и етеричното, тие се разнесени од морските бранови и потонати во жешкиот песок. Но и оние кои сега работат во хрватската „столица", или се со постојано живеалиште вон татковината, со чувства во спектар од носталгија до цинизам, често се навраќаат на медитеранскиот дел од нивните животи. Хуморот и цинизмот додуше не му е туѓ ни на континенталецот во Перишиќ, роден Сплиќанец, кој живее и работи во Загреб. Освртот за неговиот роман „Наш човек на теренот" во едно од претходните изданија на Букбокс го започнавме со цитат – Роберт Перишиќ е заебан лик. Сега, кога ја прочитавме неговата најнова книга „Вовед во смешен танц" (хрватско издание, Профил, Загреб, 2011), дефинитивно сме убедени дека е така.
Авторот жанровски ја определува книгата како авто-фабула (или авто-фикција), што е само навидум оксиморон. Ниедна автобиографија не е ослободена од толкувања, мамења, извитоперувања, замислувања и каења. Колку побогата автобиографија, и колку поталентиран писател, толку повеќе материјал подложен на бактеријата на фиктивното и фикцијата. Осумте есеи на Перишиќ во оваа книга оттаму можат да се толкуваат и како осум раскази, делумно базирани врз вистинити настани. Или обратно – осум вистинити случки, со елементи на измислици. Сосема е сеедно, затоа што дур ги читате, уживате. Како во книжевен октопод, на скара, со винце.
Во манир на најдобрите фолклорни раскажувачи, кои на познатите сижеа им приоѓаат од неочекувани ќошиња и ги зачинуваат со необични зачини, тој зборува за настани кои на повеќемина од неговата генерација (1969) им се блиски, или како лично доживување или на ниво на атмосфера – летни јадрански авантури, преживување во војска, изнајмување студентска соба во големиот град, посета на егзотични земји (во случајов Грузија) преку книжевни средби на млади автори, отуѓеност од родителите/роднините/соседите и генерално, од другите, неприпаѓање не само на домородниот контекст туку и на европскиот, олицетворен во пет евра вредните 2 деци џус од портокал на филмскиот фестивал во Кан, прекрасна анализа на културолошките разлики меѓу „кафаната" и „кафичот" врз база на сопствени теренски истражувања..„Секоја автобиографија без градење сцени, без ставање на доживеаното во контекст, е рамно на реферат" - вака Перишиќ ги „правда" неговите авто-фиктивни изливи, кои се мешавина на час крајно смешни, час крајно меланхолични ликови и настани. Ама реферат сигурно не се.
Од збирката одбравме извадок од првиот „расказ", кој е по малку болна, а по малку иронична деконструкција на два мита: оној за благородниот маломештански дивјак, и оној за сексуалните успеси на „галебите" кои на црвен Томос 14 ловат исончани и сексуално еманципирани Европејки. Ниту Медитеранот е она што некогаш бил, ниту пак бил онаков каков што го замислуваме. Лажниот свет на рекламите се простира пред нас. А ние земаме воздух. И длабоко нурнуваме.
Едно младо лето
(извадок од „Вовед во смешен танц")
Живеевме во мало конзервативно општество кое пред ударите на модерноста се држеше неочекувано добро. Допирот со поинаквите обичаи, сето тоа остануваше вон, и речиси не влијаеше врз нашите критериуми на домашен терен. Старите механизми функционираа како подмачкани, сферата на машко-женските односи беше сериозно кодирана, по продавниците се разменуваа значајни погледи, како и симболички не-ми-е-гајле пренемагања, навистина имаше многу од сето тоа, што произведуваше вртлози на глума, тешки компликации околу тоа каде да се погледне и како човек да се држи, затоа што се' беше знак: убавите девојки чекореа како Клеопатри од стар филм, сето тоа излегуваше презначајно, и главно ништо не се случуваше. Се' страдаше од системска блокада, на тие плоштади и шеталишта полни со анализа. Беше тоа медитерански театар на погледи, кодирана сцена, општ надзор, Фукоов паноптикон, чекајќи го Годо и други драми...
Одевме наоколу по тие излижани плочници, како Владимир и Естрагон.
Да, можеше да се оди, но во суштина немаше каде. Та, не можеш цело време да гледаш во тоа море и да му се воодушевуваш, како што мислат наивните континенталци, иритантно индоктринирани со туристичка пропаганда. Ех, блазе вам, отсекогаш велеа, и ужасно ме нервираа затоа што, на некој начин, ми сугерираа каква улога би требало да играм – улога на природен човек, домородец во метафизичка хармонија со околината, автентично лице кое ја потполнува сликата од разгледница, морски човик вон сите општествени дефиниции. И денес им е најмило кога ќе сретнат некој божем таков, па зборуваат за тоа низ Загреб, како да виделе средоземноморска фока. Навистина, специфично е да живееш изрекламиран, да растеш на извориштето на тие туристички слики, на барикадата на митот во кој пропагандата впишува значења за потрошувачите на животот, да живееш (како што вели нашата реклама на Си-ен-ен) на Медитеранот каков што некогаш бил, бидејќи каков е тој Медитеран каков што бил некогаш ако не симпатично заостанат, заостанат на еден убав, па дури и возвишен начин...
Затоа континентот никогаш не сакаше да слушне каков и да е вистински говор за Медитеранот. Се форсираа, и се уште се форсираат анегдотски маломештански слики, хумористички луѓе и нивниот хумористичен допир со новите технологии – тие денес, како што сте забележале, се одлични за рекламирање на мобилна телефонија и интернет. Повратно, и Медитеранот има стекнато рекламно-туристичка слика за себе, затоа што тоа се продава, така што ни на Медитеранот не можеш навистина да зборуваш за него и да ја рушиш таа симпатична жанр-конструкција.
Системската блокада, како што кажав, владееше на тие плоштади и шеталишта, каде сите постојано следат како безбедносни камери, а настани нема. Се возев на моторчето како мува без глава, горе-доле, како да бегам од нешто. Некаде на патот се причинуваше дека има излез. Тие мотори токму затоа и толку ни значеа – баравме дупка во просторот.
Со оглед на тоа што реалноста беше зафатена, желбата за мистификација беше голема. Платонските љубови и тоа како постоеја. Тоа, некоја девојка да ти се допаѓа, а со месеци да не и' приоѓаш, беше сосема нормално. Бидејќи секој потез беше и јавен чин, околу се' постоеше публика, и тоа беше проблем. Едно е да бидеш одбиен во голем град, а друго во мал. Во мал град сите нешта се поголеми. Се случува малку, па секое настанче одѕвонува, одѕвонува во приказни, во претресување со пријателите, одѕвонува во твојата глава, па стануваш притеснет, човек по мерка на својот град, своето друштво, дури и кога го знаеш тоа, сеедно дејствува, остануваш ограничен, а кога ќе се напиеш и ќе направиш ексцес на слобода, на пат си да станеш чудак, отпадник од реалноста. Единствено што е реално во тие градови, единствено што ја кажува вистината, се тие отпадници. Вистината е конститутивно исклучена во мал град.
Тоа што некој ти се допаѓа оттаму можеше многу добро да се крие. Да не се покажува. Да се игра некоја игра за себе, да се мистифицира. Да, некои од нас беа потајно романтични, посебно зиме, склони кон вечна љубов и фантазии, премногу идеални за да се проверуваат во пракса, така што тие љубови бескрајно се одложуваа.
Во меѓувреме сонуваш за распуштено, странско лето, онака како што некој од мало место филмски го замислува животот во велеградот, само што тука тоа велеградското доаѓаше кај нас: можност на нови односи, девојки поинакви и послободни...Доаѓаа на тоа свое митско летување, кое носи забава, па и самите се чувствуваа должни нешто да доживеат, тука ги чекавме со својот грч, тука требаше нешто да надоместиме.
Судирот на зимското и летното време сепак создаваше мали драми. Навистина, не се исплатеше да се дејствува во домашни услови, да се вовлечеш во таа структура на долго траење, но не може, верувам, ни мечка толку да го продолжи својот зимски сон па да не почне нешто на пролет. Имав тие дамнешни години таква мала драма: дојде пролет, јас го набавив тој Томос 14, црвен, немав уште ни регистрација ни дозвола, но кому му е гајле за социјалистичка милиција кога со моторот бараш дупка во реалноста. А имаше една девојка, не премногу висока, но толку цврста, толку стабилна: бевме едно тело во кривините...И нема тука ништо конкретно, само некакво треперење. Не бевме во врска, само се возевме, и некако ни беше интересно, па и на лето ќе направевме некоја беља; еднаш дури заедно им избегавме на милицајците вовлекувајќи се во ѕидините на стариот град, каде што тие не можеа со 101-от, па во нејзините очи излегов голем фраер...Навистина, не знам како го правев тоа тогаш, не беше прв пат да избегам – кога и да го видев знакот СТОП, само продолжував, се вовлекував во споредни улици или некаде, се' до еден ден...
Но тоа не е важно, туку летото дојде: топла ноќ на песочна плажа, со некоја убавица точно од Босанско Грахово, ја запознав пред петнаесет минути, кога Тандар и јас среде пат настапивме со прашањето – „Извинете, ние сме од Сојузот на младите и вршиме анкета. Што правите вие две, и како се забавувате?"
Тоа беше нашиот нов стил, не онаа галебарска класика, туку пародичен настап, и што да се каже, сјаен дострел. Така барем мислевме, иако имаше и недоразбирања при таквите влетувања. Си се смеевме сами на себе кога не успеваше, но тој пат успеа.
Ние двајца, тие две, и како тоа веќе оди...Не е јасно како се бира пар, нешто нејасно се одигрува, се распоредуваат погледите и насмевките, и еве, Тандара не е претерано задоволен, затоа што некако му се падна пријателката која баш и нема некоја фаца, но затоа е еластична, вели дека тренира карате. Освен тоа има пискав глас, барата со некоја иронија од Грахово, и се' на се', она не е за тоа така одеднаш да се одвоиме.
Не му е ни нему баш до тоа, но бидејќи оваа мојата е поинаку расположена, тој, што да прави, е должен да изведе покривање. Навистина, најпрвин се обидува да се извлече, погледнува во својата друшка и сложува фаца „ајме", но откако со мрачен поглед го упатувам што подалеку од себе, тој сепак полека исчезнува во мракот со каратистката, па се обидува, слушам, со нешто да ја забавува, смеејќи си се самиот себеси заради глупостите кои ги кажува...Потоа, за чудо, дури и таа се смее.
Разговорот пак со мојата секс бомба се закочи кога зајдовме во осамените агли на плажата, каде седнавме, наводно да гледаме ѕвезди. Хуморот некаде испари, некако не се разбираме, а спектарот на темите се стеснува дури до таму што разговараме за занимањата на нашите родители. Таа вели дека нејзиниот татко е милиционер...А јас сепак ја прегрнувам...Потоа некако ги откривам нејзините убави гради, чудејќи се што се' нема кај нашата милиција...Потоа малку го кревам погледот и забележувам силуета која ни се приближува, и гледам, човече, тоа е таа, баш таа, не толку висока но цврста, мојата мото-партнерка, боса чекори по мокриот песок на работ на плажата, се трга од бранчињата кои се протегаат за да и' ги допрат стапалата, и лебди како некоја балерина во љубовна сцена...Сега е дојдена ептен блиску, се загледува, па зарипнато велам „Хм, здраво". Потоа исчезнува како што и се појави.
Тука нешто ме штрецна, но дури утрината ми беше лошо, затоа што сфатив дека сум заљубен во онаа моја мото-партнерка. Интересно е што дури утрото се заљубив, откако мина крај мене на улица, не погледнувајќи ме. Тогаш, како што велат легендите, видов што загубив. Можев да се заколнам, видов дека сум загубил голема љубов.
Добро, понекогаш е најкомотно да се заљубиш тогаш кога веќе се' пропаднало. Така не се вплеткуваш вистински, а сепак имаш некаков емотивен живот.
Интересни се тие невозможни заљубености, тоа е како некоја симулација, одигрување голема претстава за самиот себе, исценирање на романтична несреќа, затоа што секогаш постои голема препрека на патот, или барем некое камче во чевелот. Романтичната љубов во голем број нејзини верзии е оневозможена, таа во себе веќе има впишано оправдување, таа е често убав начин како да останеш сам, да го избегнеш сиот тој профан свет, односите на понуда и побарувачка, чекајќи нешто големо, чекајќи чудо, затоа што навистина, понекогаш е подобро да се чека..И да се биде на сигурно од светот.
Беше тоа алиби-заљубување, на некој начин лажно, но сепак можеше, на тој начин, сосема убаво да се страда.
Во секој случај сега таа мала мотористка ме возеше мене, давајќи топло-студени знаци, додека јас се местев така за да ме види дека седам осамен, крај морето, загледан во празната далечина, пушејќи Филтер 160, до паркираниот Томос, чекајќи кога таа ќе помине да ја види таа монодрама, а потоа една тажна вечер ја видов со млад Швабо во хавајска кошула, како и идната вечер, и да не набројувам, беше тоа Швабо на нејзиниот живот, доста рано се определила за западни интеграции, така што денес живее некаде во Баварија. А каде ќе одам јас – кај цајканот во Грахово? Ма, ни тоа, затоа што и таа Граховката во меѓувреме се навреди.
Тандара, од друга страна, тврдеше дека за онаа несреќна ноќ сум му должен до гроб, затоа што таа каратистката во еден миг со лукав зафат го срушила на под, наводно, пред минувачите.
Затоа, следните денови, следеа уште потрауматични мигови со една дебелка и наглува Швеѓанка – морав да го покривам додека беше со нејзината френдица, која беше згодна речиси како и онаа од Грахово...Убавите девојќи често излегуваат заедно со неубавите, па Тандара и јас разменувавме долгови како во неликвидна економија. Тој ме покриваше мене, јас него, секој секому беше должен, а интересно е што притоа со оние неубавите девојки всушност бевме поопуштени – само требаше да се мине некој час, без амбиција, дрдорејќи без фраерисување и глумење Дон Жуан, па често се случуваше на таа девојка да и' се допаднеш. Уште ако и се случеше две вечери по ред да морате да излезете заедно, затоа што нему „триба вримена", настануваше вистинска мала псевдоврска. И, секако, наместо во него да се заљуби онаа згодната, во мене се заљубуваше онаа незгодната, па тогаш по некое време не знаеш што да правиш, се правиш блесав, а таа веќе на сите можни начини те охрабрува, губи трпение, демек спонтано се пушта...Се повлекуваш, седнуваш на работ на таму некоја си клупа, се' станува обратно, воопшто не си фаца, туку стануваш добар и срамежлив дечко, а нејзе баш такви и и' се допаѓаат, што и ти го кажува на својот наглув англиски. „И ќе те галам, и ќе те мазам, и ќе те викам Ѓоле", му рекоа еднаш на Душко Долгоушко, а мене повеќе пати.
Доста ми е од тоа! Сакав да бидам фраер, а не наглуви Швеѓанки да ме прогонуваат низ градот. Се повлеков тој август во галебарска осама, се престроив во соло-стрелец, одев со мојот Томос до кампот наместо до градот, го избегнував Тандар, Швеѓанките, милицијата.
Секако, познавав сезонец кој работеше на рецепција на кампот. И тој ми беше пријател. Имав тогаш многу пријатели, веројатно повеќе отколку кога било после тоа, затоа што во тие години беше особено важно да имаш турбо-пријателства („Ди си фацо?" – „Ево, шта има легендо?") кои ме правеа човек, а не само некој клинец кој не познава луѓе.
Така, на рецепција на кампот работеше Фрц, нешто постар лик, па се повлеков на резервна позиција и му правев друштво додека ја работеше ноќната смена, баш како да сум и јас вработен, па седнувавме пред рампата и го снимавме прометот.
Освен посматрањето на прометот, постоеа и некои не баш легални начини на испитување на теренот. Просто, Фрц ти ја дава на увид документацијата од рецепција, па убаво си седнуваш, ги прелистуваш пристигнатите пасоши, ги погледнуваш фотографиите, некои и подолго ги анализираш, полека, како во депресивен романски филм за животот во полициска држава...Она што те интересира го забележуваш на своето хартивче како некаков иследник од туристички гулаг: име, град, број на приколка...Наутро бараш по атласот и енциклопедијата каде е тој град, која река минува низ него, каква е индустријата, кој им е фудбалскиот клуб, каква е таа култура, кој композитор е роден таму...Добро, малку претерувам, но и' влетав на една згодна Французинка така, веќе знаејќи која е и од каде е, и дека има 20, па смислив нешто што мислев дека е француски говор, фрлајќи акцент на книгите кои сум ги прочитал, не само француските туку и руските.
Таа се викаше Натали и студираше психологија, и' бев смешен, постојано ме удираше по рамото кога излеговме на пијачка, цела вечер пиевме мали пива, потоа се бакнавме, се' одеше како подмачкано, па прегрнати дојдовме до нејзината приколка..И веднаш, на тој кревет во аголот, под она малку светлина што доаѓаше од надвор, почнав да ја бакнувам по градите, навистина помали од оние кај онаа од Грахово, но убава беше Натали, црна, ја паметам како тип на Хелена Бонам Картер – и еве успеав да ја соблечам, дури и ми помогна, одеше толку брзо што ме изненади, затоа што Натали е толку слободна, еластична, авангардна, нејзините цицки светат во темнината, неисончани, бели, па го бакнував тоа цврсто тело што се извиваше од возбуда под мене, и ја бакнував, и ја бакнував, чувствувајќи ја во устата нејзината слатка пот, нејзината жештина, мирисот на плотта, во таа спарна кабина, и не престанував, не престанував, затоа што чувствував дека немам ерекција, што ме затекна, но мислев ај, ќе дојде, но не доаѓаше, па си зборував во себе – ајде, ајде, ајде – и сето тоа почна да трае, и стана загушливо во таа влажна комора, и не знаев што да правам, како да се извлечам од овој страшен настан, додека Натали бревтеше – Камооон – па почнав да се соблекувам, како да одам на боиште, стоев во тој мрак, се качив на креветот, на неа, и видов дека ништо се нема променето, потоа повторно ја бакнував, иако веќе не ми беше до тоа, туку само мислев како да излезам одовде, каде да исчезнам, како може да се исчезне од тука, дали е воопшто можно, не, не е можно, нема излез, па ја бакнував, бакнував и бакнував, па таа нешто се обидуваше, па сето тоа траеше, и потоа таа одеднаш издиша, исфрли водзух низ усните, таму на тој кревет, во тој воздух, и застана.
Го навлече чаршафот преку неа, се потпре на ѕидот и запали цигаа. Па ме праша дали и друг пат сум го имал тој проблем, па реков не.
- Само со мене?
- Не, хм..Да.
Потоа рече дека не и' изгледам баш искусен, и и' реков не, а потоа рече: What no? Yes or no? Did you ever have sex before?
- No – реков зарипнато на јазикот на галаксијата...чија длабочина ме голташе во некоја димензија без враќање, по севкупната пропаст.
Сепак, кога и' го признав тоа, мислев сега барем ќе ме разбере. Но, колку години имаш всушност?, ме праша, па и' кажав, немаше излез, па рече: Но зошто ме лажеше?
Зошто лажев, хм, зошто, тоа е толку очигледно мислев, но Натали не го дочека мојот одговор, туку се тргна – Оу, Џизс Оу, фак..– како се' да и преседна, и ми рече, речиси заканувачки, веднаш да си одам, плиз!
Некако, не го очекував тоа од неа.
Се облеков набрзина. Дојдов до Фрц на рецепција, со сето тоа во главата, како да ја влечам онаа приколка со себе, знаејќи дека сето тоа не може да се изрече.
Тој праша, со онаа насмевка, „Како беше...?"
- Па, добро. Супер – реков.
Немаше излез.
- Ебеше?
Така се прашуваше тоа.
- Аха.
Уште морав и да лажам. Пропаста беше, според мое сфаќање, толку страотна, што беше неизговорлива. Гледано од мој агол, само што осознав дека нешто не е во ред со мене. Не можев да размислувам за мојот механички пристап, за пустата желба да се покажам како возрасен, за таа глума полна со потиснат страв. Не можев да размислувам за сето тоа, затоа што не знаев како воопшто требаше тоа нешто да изгледа.
Знаев само дека мажот мора да успее.
Бев во шок. Никогаш не бев чул некому да му се случи вакво нешто, и се прашував дали вреди понатаму да се живее.
Заминав од тој страшен камп, со моторчето во ноќта, таа одвратна ноќ.
Знаев дека на никого не може да му се зборува за ова.
Лажниот свет се простираше пред мене.
(превод И.Ј.)