Константин Сергеевич Алексеев (1863-1938), попознат како Станиславски, руски актер, режисер, педагог, еден од најзначајните театарски реформатори од првата половина на 20 век. Неговиот систем на актерска игра и режирање се теориски образложени во повеќе есеи, од кои два, „Етика“ и „Уметноста на глумецот и режисерот“, се поместени во ново издание на Театар комедија, во превод од српски на Наташа Атанасова. Обата содржат практични совети за начинот на кој треба да се постави актерот ако сака да биде „вистински уметник на театарската сцена“, доколку сака да му го предочи на гледачот „она невидливото и неискажливото со зборови што ја сочинува духовната содржина на драмата“.
Но многу повеќе од тоа, кратките есеи содржат насоки кои, иако се изложени со едноставен јазик, навлегуваат подлабоко во филозофијата на занимавањето со уметност во скудни времиња. Притоа, може да станува збор за тешки надворешни околности, но такви кои предизвикуваат и пад на моралните вредности внатре театарот и другите институции кои зависат од тимската работа на оние кои создаваат. Првиот есеј Станиславски го отвора токму со една таква приказна, за јазот помеѓу животот и сцената.
„− Замислете си за момент – ни се обрати Торцов – дека сте дошле в театар за да играте голема улога. Почетокот на претставата е за половина час. Во вашиот личен живот има многу ситни грижи и непријатности. Во станот ви е целосен неред. Се појавил куќен крадец. Ви ги украл капутот и новиот костум. И во моментот сте уште повознемирени, затоа што доаѓајќи во гардеробата сте забележале дека клучот од масичката каде што ви стојат парите ви останал дома. Ох, ќе ви ги украдат! А утре е рокот за плаќањето на киријата. Невозможно е да го продолжите рокот за плаќање затоа што вашите односи со газдарицата се затегнати до највисоко можно ниво. А тука е и писмото од дома – татко ви е болен. Тоа ве мачи: прво, зашто го сакате; второ, ако му се случи нешто, се лишувате од материјалната поддршка, а платите во театарот се мали.
Но, најнепријатно од сè е лошиот однос на глумците и на управата кон вас. Дури и вашата работа другарите ја изложуваат на потсмев, ви приредуваат непријатни изненадувања во текот на претставата: намерно испуштаат неопходна реплика, неочекувано го менуваат мизансценот или за време на претставата дошепнуваат нешто навредливо или простачко. А вие сте плашлив човек, се збунувате, но ним токму тоа им треба, токму тоа ги забавува. Тие од здодевност и за забава сакаат да прават смешни истапи.
Проникнете и подлабоко во дадените околности и размислете: дали при такви услови е лесно да го подготвувате сценското самочувство кое е неопходно за творење?“
Не негирајќи ја тежината на задачата, Станиславски се повикува на високата професионална етика, во случајов на актерот, но и на припадник на која и да е друга професија. Навикнатите раце на глумецот ќе ја стават периката на главата, боите и лепенките на лицето, тој во последен миг ќе истрча на сцената и неговиот јазик по навика ќе ја издрдори првата реплика. Но тоа не е доволно. Од тука треба да се направи оној мал, но всушност бесконечно голем чекор кон повисока форма на творење која ги надминува гадостите на профаното и служи човек да се поврзе со нешто подобро и повисоко од него.
„Во театар не смее да се влегува со нечисти нозе“, пишува тој, метафорично всушност велејќи - во уметноста треба да се влезе со чисто срце, кое од обичниот помијарник од театар ќе направи храм. За тоа е потребна лична дисциплина, но и ред и здрава атмосфера во колективот кој го гради процесот, без суети, љубомори и ситни навреди кои го трујат воздухот во театарот, навлегувајќи во порите на кадифените седишта и во наборите на тешките завеси.
Како да се одреди границата помеѓу прекрасното и одвратното? „Сè што би сакале да остварите во животот, сè што е потребно за воспоставување здрава атмосфера, дисциплина и ред (и тоа треба да се знае), применувајте го, пред сè, на себеси“, вели Станиславски. Одличен совет во пресрет на Новата година, и во пресрет на која и да е година. За актери, политичари, наставници, полицајци, земјоделци. Затоа што сите тие можат да ја издигнат својата професија на ниво на уметност, следејќи ја професионалната етика среде морето неетичност, хаос и злоба. Методот на Станиславски е за сите нив, и за сите нас.
Линк за слободно симнување на книгата ТУКА
Илина, Букбокс