Колку делото на некој уметник има врска со неговиот 'цивилен' живот, и дали првото секогаш е макар и скриена референца на второто, е стара и неразрешена дилема. Не го знам лично, но имам впечаток дека Мураками пишува исто како што живее: едноставно, но никако површно. Нормално, но никако празно. Со други зборови Мураками пишува - убаво.
Да се биде Кинез, Индиец или Авганистанец, а да се биде книжевно 'ин' на Запад, не само што е возможно, туку е и сè почест случај. Различниот географски и културен контекст, кој за просечниот европски или американски читател се уште асоцира на мистичниот 'Ориент', ѝ дава дополнителен шмек на секоја добра нарација. Уметниците тоа го знаат и обилно го користат, местејќи ги нивните дела така за тие да му бидат привлечни на замислениот 'западен' читател, користејќи го своето потекло како знак за некаква автентичност и некорумпираност во однос на веќе исцрпените и здодевни западни дискурси. Така 'чистиот', рафиниран и во секој друг поглед пософистициран уметнички сензибилитет, за каков барем стереотипно се смета источниот, всушност длабоко се проституира.
Но има и исклучоци, и Мураками е еден од нив. Да не знаете дека е Јапонец, а дека Сумире е јапонско име, вие слободно можете да си замислите дека главниот лик во Спутник љубов (или Спутник душичке, како што уште би можела да се преведе Supūtoniku no koibito) е млада и неприлагодена девојка од Ѓорче, која сака да пишува и има лезбејски склоности. Сумире од книгата е токму таква, заљубена е во Миу, постара и убава бизнисменка, која иако ја дружи, сепак нема разбирање за нејзините најдлабоки чувства и аспирации.
Невозвратената љубов, осамата и неприлагоденоста се честа тема во делата на Мураками, но во Спутник љубов желбата да се припаѓа е доведена до крајност. Сумире почнува во сè да ја имитира Миу, заменувајќи ги фармерките со елегантни фустани и откажувајќи се од пишувањето за да ѝ биде личен асистент. Наскоро му се поверува на нејзиниот пријател К., кој е всушност нараторот во романот, дека чувствува како го губи нејзиниот идентитет. Двете жени заминуваат на патување на оддалечен грчки остров. Една ноќ Сумире најпосле сексуално ѝ пристапува на Миу, но безуспешно - Миу останува студена. Следниот ден, длабоко разочарана, Сумире исчезнува.
Барајќи некакви траги кои би му помогнале да ја пронајде, К. во нејзиниот компјутер наоѓа нешто што личи на прераскажана исповед на Миу, во врска со летна авантура која таа ја имала со некој згоден Шпанец. После дивиот секс со него, Миу се качила на 'панорама' (онаква ко во Луна парк), и гледајќи од нејзиното место во прозорецот на станот од кој штотуку излегла го видела дечко ѝ како води љубов со убава Азијатка, всушност самата Миу. Тоа го протолкувала како знак на сопствениот психолошки лом - несовмесност помеѓу нејзиното сексуално јаство и контролираната „друга" во неа. Мураками никогаш не ни открива каде е Сумире, но претпоставката е дека таа заминала 'од другата страна', од онаа каде е другата Миу, онаа страсната и подготвена да ја сака.
Иако на прв поглед асоцира на некаква астралност, или во случајот на Сумире на смрт, приказната на овие две жени е всушност едноставна, само многу интензивна - сите во некои моменти сме почувствувале дека не сме истата личност која сме биле. Работата е дали од тоа чувство сме се вратиле во нашето старо и познато 'јас', или него засекогаш сме го напуштиле. Колку сме врзани за другите луѓе и нивните јаства, и колку од нив можат да зависат нашите внатрешни ломови? Можеби навистина сме, исто како и советскиот Спутник, само сателити кои орбитираат околу замислената, за нас ветена Земја, неспособни на неа да слетаме и да се закотвиме.
Пишувањето на Мураками многумина го нарекуваат „кул надреализам". И навистина, иако меланхоличен, тонот на оваа книга е зрел, кул и смирен. Ништо помалку и не се очекува од еден спортист каков што е Мураками, кој освен што пишува и слуша џез, исто така и трча, и тоа неколку маратони годишно низ целиот свет. Но ако трчањето му помага во дисциплината и доследноста, музиката пак му помага во воспоставувањето на ритамот на нарацијата, кој не е секогаш правилен.
„Практично сè што знам за пишувањето го научив од музиката. Да не бев толку опседнат со неа, можеби немаше да станам писател. Мојот стил е под влијание на дивите рифови на Чарли Паркер, но и на елегантно растечената проза на Френсис Скот Фицџералд", вели Мураками во едно негово интервју за Њујорк Тајмс. „Еден од моите омилени џез пијанисти на сите времиња е Телониус Монк. Еднаш, кога го прашале како успева да извлече некаков посебен звук од пијаното, Монк покажал кон клавирот и рекол: Не можам да создадам нова нота. Кога гледаш во клавијатурата, сите ноти се веќе таму. Но, ако доволно силно посакате некоја нота, таа ќе звучи поинаку. Мора да ги одберете нотите што навистина ги сакате! Често се сеќавам на овие зборови кога пишувам, и си велам - точно е. Не постојат нови зборови. Нашата работа е да дадеме нови значења и посебни призвуци на апсолутно обичните зборови".
Мураками токму тоа и го прави. И го прави одлично.
***
Издавачкиот центар ТРИ, кој полни десет години од своето постоење, ја доделува оваа книга на првиот кој ќе ни пише кои други книги од Мураками се преведени и издадени на македонски.