Како во огласите: „Рушам ѕидови, отварам дупки, кршам армиран бетон и вадам плочки со хилта". Можел и да додаде: после ова – ваша работа.
Отприлика во таков животен и наративен момент е темпирано дејството на деветте раскази на Тауер, оној кулминирачки миг на гнев, распад и очај, после кој работите можат или да одат само на подобро, или едноставно да ги снема, сосе оној кој до скоро ги поднесувал (лик со човечки својства, административно познат и како подносител). За некој роден 1973 - а секој роден по 1971 е за мене млад – со сако, блузичка со крагна и фризурче а-ла „одличен ученик", Тауер покажува неверојатно познавање на психологиите на силните но прецветани жени, и на нивните од работа и пиење огрубени мажи, од таканаречените „маргини на општеството". Заради убедливиот, но никако патетичен опис на нивните тешки времиња, во историски момент кога поголемиот дел од Америка навистина ги живее, тој заслужено е споредуван со Карвер, Хемингеј или Паунд, и прогласен за еден од дваесетте најдобри писатели помлади од четириесет од страна на Њујоркер.
За да разберете за што ви зборувам, еве за што се работи во еден од расказите: Џејн, бивша жена на Ед во која тој е се уште заљубен (иако со ништо не ни го признава тоа), го минува летото во ашрам со нивната ќерка, Мери, и со Бери, блазиран инструктор по медитација за кого го напуштила нашиов јунак. Но додека таа мора да биде во некаква мистична изолација како дел од програмата на летниот камп, Бери крши нога, и единствен кој може да помогне е токму Ед. Возењето од неколку часа, со ќерката на предното, и љубовникот на некогашната сопруга испружен со скршената нога вдолж задното седиште, однапред мириса на лошо.
Предвидувањата се остваруваат, и тоа повеќе од предвиденото – Ед успева да испадне кретен, замешувајќи се во љубовна расправија на непознат пар, на паркингот каде застануваат да се одморат. Во последната сцена тој облеан во крв лежи на асфалтот, додека човекот со кого до скоро се млатеа звучи како да испушта душа: „По третиот удар нешто се предаде, под лактот почувствував грозен крш, како кога свежа пилешка коска се предава под кујнските ножички. Девојката викаше, ме удираше, па некој ја одвлече. До тогаш мала група загрижени граѓани излезе од ресторанот. Се истркалав од дечкото, и не чув ни дека издиша...Бари не беше во толпата, а ни Мари". Полицијата е на пат, а единствено на што мисли Ед е неговата жена, нејзините кошмари, и како тој се обидувал да ја утеши, иако и самиот се плашел од измислениот човек кој цела ноќ стои со секира покрај нивниот кревет...
Добро, а? Можеби наскоро некој (Џармуш, Тарантино?) ќе сними филм според расказите на Тауер. До тогаш можете да ги читате оние достапните од Њујоркер, или да си ја нарачате на српски од Белград, каде ја издаде Booka (еден од подобрите „улови" од годинашниов саем на книгата..).