„Пара берит киселец
Мице орат градиње
дај ми Паро киселец, устево да си оладам“„Ајде да са земиме Васе, ајде да са земиме
Васето на Тановци аман, аман
Томе на Тозиовци“„Моли Бога Лено и Господа
Живко додит Лено Америка
Америка Лено на печалба“
Кој знае колку пати сте ги слушнале овие или други народни песни, во кои има ликови со име и презиме, чии судбини останале архивирани и конзервирани во ризницата на народното творештво, во стихови придружени со музика. Но тие имиња ни привлекуваат внимание само ако ни асоцираат на некој нам драг и познат. Во спротивно ги изговараме механички, без да застанеме и да ги замислиме, како луѓе од крв и месо, кои ете работеле на нива, биле сакани и сакале, заминувале гурбет или гинеле во војни без да им се знае гробот.
Отец Пимен во оваа книга, во манир на експериментален фолклорист, се обидува на овие ликови документирани вон контекст да им обезбеди барем еден таков, или преку нешта кои ги слушнал, или преку нешта кои целосно ги измислил. Така, Пара од песната станува послушна внука која како македонска Црвенкапа поаѓа по ливадите да бере киселец за баба ѝ во сламено кошниче. Мице е момче за половина педа пониско од Пара, но сепак доволно одважно за да се обиде да ја заведе. Томе од Тозиовци е високо крупно дете, мераклија да се дотера, а уште помераклија за јадење, подготвен „и пешки да тргне до Битола за еден локум“. Васето на Тановци е лично, црно, слабичко, и тоа подготвено за непромислена авантура - да се качи на магаре и со Томе да појде и по локум и по грч студена битолска бира. Живко е презаштитнички настроениот брат на Лена, поради кого таа не може да си најде маж.
И така 18 народни песни и многу повеќе ликови, кои оживуваат пред наши очи на ресенските калдрми, на селските ливади и по околните џадиња. Јазикот е сочен, полн подзаборавени зборови и архаизми, наведени и во речник на крајот на книгата. Можеби после нејзиното читање веќе никогаш нема да ги слушате песните на ист начин, бидејќи ќе ги идентификувате со нејзините ликови. Еден предлог за отец Пимен во таа смисла - следното издание да биде интерактивна електронска книга, во која дур се чита расказот во позадина оди и песната. За читателот и самиот да запее, а зошто да не, и да заигра.
Илина, Букбокс