Букбокс читанка (и прв роденден)

Кој е Ричард Бротиган?

На наши години ('наши' за да не испадне дека сум сама во маките), човек почнува со сведување на сопствениот уметнички и друг вкус. Знаете точно што да нарачате во кафана, по облека одите само во вам познати продавници, не се ни трудите да проверите кои се музичарите на кои се палат помладите, тешко склопувате нови (дури и Фејсбук) пријателства, а кога старите ве викаат за излегување се мачите да одберете меѓу тоа и рано легнување.

Не, не го пишувам ова од старечкиот дом во Злокуќани. Па сепак, барем во литературата ретко ми се случува некакво откритие, особено ако авторот не е меѓу помладите.

На Ричард Бротиган (Richard Brautigan) налетав кога ги пишував текстовите за Дилан и за Буковски. Беше спомнат по принципот „луѓето кои ги читаат овие, би требало да ги сакаат и овие". Но кога и по трет пат ми се испречи на патот кога пишував за Ерленд Лу, веќе се замислив. Е кој е тој Бротиган, бе?

Ричард Бротиган, роден 1935. во Такома, Вашингтон, е американски поет, раскажувач и романсиер. И покрај големото влијание на бит движењето врз неговото творештво, тој секогаш инсистирал дека не е негов член. Растен во сиромаштија, тој и неговото семејство живееле од социјална помош - донации од вреќи брашно полни со глувчешки измет. Во 1955 тој бил уапсен заради фрлање камен на прозорец од полициска станица, што го сторил токму за да биде испратен во затвор и најаден. Откако полицијата забележала симптоми на непресметливост, наместо да го пуштат со кауција од 25 долари, го затвориле во болница каде му биле дијагностицирани параноидна шизофренија и клиничка депресија (каков коктел..). Бил дванаесет пати подложен на електро-шокови. Во болница почнал да пишува кратки раскази, кои откако биле одбиени од двајца издавачи останале неиздадени.

По излегувањето од болница заминува за Сан Франциско, каде на улица дели флаери со негова поезија и настапува во живо по клубови. Најпрвин објавува три книги поезија, но станува познат после првиот роман „Ловење пастрмки во Америка" (1967). Во творештвото страшно луциден и хумористичен, во животот постојано пие и страда од депресии. Во 1984 година, на 49. годишна возраст, откако веќе една деценија зборувал дека ќе се убие, си пука во глава со Магнум 44. Телото го пронашол приватен детектив, во дневната соба на Бротиган, во фаза на распаѓање, најверојатно еден месец откако се убил. Еднаш напишал: „Сите имаме место во историјата. Моето место е во облаците.".

Поезијата на Бротиган е толку непретенциозна, кратка и едноставна што сигурно многумина поети „од високото добро утро" би одбиле тој да се вброи во нивните редови. Но нарекувајќи го „примитивен", „предлитерарен" и „банален" тие, и дел од критичарите, всушност му прават услуга. На оние кои ја имаат замразено поезијата заради нејзиниот елитизам, херметичност и апстрактност, оваа неговата супер ќе им легне - како еленски траги во свежиот снег. Дела на Бротиган се преведени на бугарски и српски. Колку што ни е познато, не и на македонски. Ова е нашиот скромен прилог.

РИЧАРД БРОТИГАН

ПЕСНИ

15%

Таа се обидува да извлече нешта
од мажите
кои инаку не може да ги добие,
затоа што не е
15% поубава.

-2

Секој сака да легне
со секого,
ред се реди во недоглед,
па јас еве ќе легнам со тебе.
Нема да им недостасуваме.

30 центи, две карти, љубов

Со напор мислејќи на тебе
влегов во автобусот
и платив 30 центи возење.
Побарав од возачот две карти
пред да сфатам
дека сум
сам.

На Калифорнискиот институт за технологија

Не ми е гајле колку се проклето паметни
овие момци:
мене ми е досадно.

Еленски траги

Убаво, до липање
многу јако ебење,
и потоа да лежиш тивко,
како еленски траги во
свежиот снег
покрај оној кого го сакаш.

Тоа е сè.

Хаику брза помош

Парче зелена пиперка
падна
од дрвената чинија за салата:
и сега ш'о?

Никогаш не ми го правеле тоа толку нежно

Слатките сокови од твојата уста
се како замоци потопени во мед.
Никогаш не ми го правеле тоа толку нежно.
Имаш ставено круг од дворци
околу мојот пенис, и ги вртиш
како сончев зрак на крилја на птиците.

Ромео и Јулија

Ако умреш за мене,
и јас ќе умрам за тебе
и нашите гробови ќе бидат
како двајца љубовници
кои заедно си го перат
вешот во пералница.
Ако донесеш прашок,
јас ќе го донесам штиракот.

Природна песна

Месечината
е Хамлет
на мотор
кој се спушта
низ темниот друм.
Носи
црна кожна
јакна
и чизми.
Немам
каде
да одам.

Ќе возам
цела ноќ.

Поштар

Мирисот на зеленчук
на студен ден
со сигурност претставува чин на стварност,
како витез во потрага по светиот грал,
или поштар на селски пат
што бара фарма која ја нема.
Моркови, пиперки и грашок.
Нервал, Бодлер и Рембо.

Сан Франциско

Оваа песна беше најдена
напишана на хартиена ќеса
од Ричард Бротиган
во перална во Сан Франциско.

Авторот е непознат.

(препев И.Ј.)

18 септември 2010 - 00:00