Букбокс читанка, гостинка-уредничка: Катаржина Каспшак – Штам

„ПРОДАВНИЦИТЕ СО БОЈА НА ЦИМЕТ/ САНАТОРИУМОТ ВО ЗНАКОТ НА КЛЕПСИДРАТА“ од Бруно Шулц

Каша е една од најинтересните личности кои ги познавам. Родена во Полска, половина живот го има поминато во патувања, пакувања и селења – од Африка, преку Швајцарија, до Индија.

Некаде на тој пат, на наша среќа, застана на неколку години и во Македонија, живеејќи во спокојната атмосфера на една барака, истата онаа каде некогаш живееше Конески. Со Каша можете да пливате во шумските езера на Мазурија, да пазарите на бувљак во Женева, да пиете чај во стара чаршија, да зборувате за Шимборска, Гоја или за „Очајни домаќинки", и секаде и секако да ви биде исто – убаво. Нејзината професија, историчар на уметност, беше само уште една причина да гостува во Букбокс, и да пишува за сликарот и писателот Бруно Шулц.

*** 

Драга Илина и драги читатели,

Морам да признаам дека е чудно да се пишува од Индија (каде живеам сега), до вас во Македонија, за Бруно Шулц, кој бил полски Евреин, а живеел во место кое денес припаѓа на Украина. Сепак, кога ќе размислам, тоа ми изгледа како добра перспектива.

Во 1892 кога во него се родил Бруно Шулц, малото провинциско место Дрохобич било се уште дел од Австро-Унгарија. Роден како Австриец, тој го проживеал целиот негов возрасен живот во Полска, и ги пишувал неговите книги на полски, но умрел како Евреин (застрелан на улица во гетото од офицер на Гестапо на 19. ноември 1942).

Во Македонија биографските и историските компликации се во сечии гени. Во денешна Полска тоа е сè поретко така, заради нашата присилна хомогенизација како нација - сепак се уште културолошки копнееме по тој загубен свет. Тоа е делумно причината зошто Бруно Шулц е значајна фигура за нас, кои потекнуваме од оваа веќе непостоечка, сложена и мултикултурна Полска. Незначаен и провинциски, фатен во стапица на погрешното место во најлошиот можен момент во историјата, Бруно Шулц денес се смета за еден од најевропските полски уметници. Тоа е така затоа што најзначајниот факт во врска со него е неговата уметност, каде што тој го живеел неговото вистинско постоење – само таму го разоткрил неговото вистинско јас.

Неговиот татко Јаков бил текстилен трговец. Сериозно се разболел кога Бруно бил дете. Семејството банкротирало и постепено, најпрвин постариот брат а потоа и Бруно, биле обврзани да ги преземат обврските за издржување на семејството. Бидејќи немал можност да ги заврши студиите по архитектура и сликарство (во Л'вов, а потоа во Виена), како и заради нарушеното здравје и под притисок на Првата светска војна, Шулц станал учител по цртање и технички вештини во истото училиште каде и самиот учел. Не ја сакал работата, но морал многу да се бори за да ја задржи со оглед на тоа што немал диплома. Бруно постојано се обидувал да заработи дополнителни пари преку сликање портрети, објавување на неговите книги или продавање на неговите графики, но никогаш не успеал да постигне финансиска стабилност. Сепак, без оваа постојана, длабока фрустрација, неговите уметнички дела веројатно не би ја виделе светлината на денот.

Неговиот обид да ги изложи графиките од „Идолопоклоничката книга", изработена во 1920-22, предизвикало локален скандал со анти-семитски тон. Овие слики поттикнале морално гадење кај локалните буржуи, бидејќи на нив биле прикажани первезни сцени на скудно облечени, разиграни деојчиња, како се причестени од џуџести суштества, кои ги лижат врвовите на нивите штикли, и играат сугестивни кучешки игри. Можеме да го препознаеме авторовото вчудоневидено лице во голем број од делата, кој се портретира себеси како најпонизен обожавател на овие сурови убавици со напрчени усни и камшици (за одличен избор од сликите на Шулц тука). Неговата сопствена еротска тензија и екстраваганција е пренагласена, и претставена со сериозна количина ироничен хумор.

Графиките се изработени во ретка техника (најпрвин користена од Камил Коро) наречена „клише вер", која се состои во тоа што цртежот се прави со игла на стаклена плоча покриена со црн глицерин, каков што се користел за изработка на раната фотографија. Тоа се илустрации за неговите текстови. Тие осцилираат околу истите еротски субјекти, но исто така прикажуваат и провинциски сцени, со луѓе во долги капути и брзи кочии, продавници полни со еврејски трговци кои изгледаат како кабалистички господари. Може да се забележи дека овие гротескни цртежи, со нивните клаустрофобични, затворени простори, се инспирирани од традицијата на Гоја. Тие се од истото семејство како и литографиите за „Оркански висови" на Балтус, кои датираат од 1935.

Главниот опус на Бруно Шулц во литературата се состои од две книги кратки раскази „Продавници со боја на цимет" напишана во 1934, и „Санаториум во знак на клепсидрата" од 1937. Третата книга, „Месија", не била завршена, и се загубила во вртлозите на нашата хаотична историја, бидејќи била дадена на некој непознат пријател кој требало да ја чува. Темата е секогаш иста: неговиот делиричен град, неговите изветвени но магични улици, мрачните и миризливи продавници кои ја кријат нивната надреална внатрешност, или напуштените градини опишани во ерупција на еротски јазик. Детството е земено како состојба на перверзна невиност, време на откривање на вистинската природа на реалноста.

Оваа реалност погледната одблиску е повеќе налик на состојба на сон, во кој материјалното е недовршено и променливо, толку тенко што е речиси проѕирно, лоши скроено и на моменти сенилно во врска со Играта која треба да ја игра. Реалното Реално ѕирка постојано преку лажните екрани на нормалноста кои ни се дадени за секојдневна употреба. Главниот лик во приказните е Таткото, библиски лудак-продавач, кој се претвора во демиург, ширејќи хаос во домаќинството, кое е контролирано од Адела, злобна и убава слугинка. Таткото се бори со сето негово лудило против провинциската здодевност. Синот пак се бори да го разоткрие неговото вистинско „јас". „Се обидов да ја разоткријам мојата пиратска митологија, мојата сопствена приказна, моето семејно стебло..На некој начин овие приказни се вистински, претставувајќи го мојот начин на живот, мојата лична судбина. Главниот мотив на оваа судбина е длабоката осаменост, изолацијата од секојдневниот живот...".

Книгите на Шулц биле фалени од книжените критичари од негово време, кои го препознале неговиот талент и го поврзувале со некои од тогаш славните автори. Тој сепак продолжил со неговиот незначаен живот во Дрохобич, гушејќи се од провинцискиот воздух, но користејќи го како негова уникатна и единствена инспирација. Ако бараме сличности на неговото пишување со некое друго, најочигледната споредба е онаа со Кафка. Шулц секако го познавал делото на Кафка, и учествувал во преведувањето на „Процес" во 1936, со неговата вереница Јозефина (со која се разделил, како што се раскажува, главно поради верските разлики – таа била од семејство кое преминало во католицизам). Половина население од Дрохобич било еврејско, а градот ја содржел сега исчезнатата култура на Штетл-от (мали градови со доминантно еврејско население и соодветна, традиционална култура, главно карактеристични за 19. век).

Последниот и трагичен (но исто така и гротескен) дел од Шулцовата историја се случил по избивањето на војната, кога нацистите најпрвин навлегле, а потоа го напуштиле Дрохобич, дозволувајќи во него да влезе руската армија. Тој се обидел да се прилагоди, дури за да преживее го насликал и портретот на Сталин, но во сликата ги ставил украинските национални бои, и за тоа за малку ќе плател со живот. Кога нацистите се вратиле во градот во 1941, и било формирано гето, Бруно Шулц бил под закрила на офицерот на Гестапо, Феликс Ландау, кој го терал да му црта портрети, да му го декорира касиното и собата на неговиот четиригодишен син со сцени од бајките на Грим. Тоа сепак не го одржало долго во живот: бил застрелан на улица, на таканаречениот Крвав четврток (денот кога во Дрохобич биле убиени околу 240 Евреи). Некои сведоци велат дека неговото убиство било чин на лична одмаза од друг нацистички офицер, чиј „протеже'" бил претходно убиен од Ландау.

Последните мурали на Шулц биле всушност различни портрети на негови пријатели, што ги прави особено значајни како еден вид тестамент. Биле откриени во 2001 од германскиот режисер Бенџамин Гајслер, додека работел филм за Бруно Шулц. Муралите биле покриени со боја во кујната на некој постар пар, во истата стара вила која Ландау ја одзел од еврејско семејство. Она што се случило потоа ги вчудоневидело оние кои првин се израдувале заради откритието. Неколку месеци подоцна (по првичната конзервација направена од полски и украински експерти), пет делови од сликата биле тајно отсечени и однесени во Израел од страна на тим на Институтот Јад Вашем, како дел од моралното наследство на преживеаните од холокаустот. Тие процениле дека украинското гратче Дрохобич не заслужило да ги задржи.

Минатата недела во Делхи еден млад еврејски пар кој неодамна ја посетил Полска како дел од Маршот на холокаустот, ни даде прошка, на мене и на другите Полјаци, за холокаустот (извршен од нацистите, на наша почва), притоа со носталгија зборувајќи за полската храна, која истовремено ја делев на училишната прослава на моите деца. Немав време да протестирам, ниту да дискутирам – тие направија групна фотографија, со полните чинии во нивните раце, и со мене, стисната помеѓу нивните насмеани лица...

Од Њу Делхи за Скопјенце,
Каша

1 декември 2011 - 00:00