Сите негативни асоцијации на „Дивиот запад", како митски топос во кој не важат правила освен оние на посилниот, се исклучени. Освен кога под „посилен" не се подразбира оној посилен на збор, а богами и на нерви. Погледнете ги (или повторете си ги) интервјуата на Станковиќ со Емир Кустурица, Иво Санадер или Милорад Додик и ќе знаете за што зборувам. Можете ли да замислите да го прашате вашиот премиер дали е педер, а на Брена да се обидете да ѝ извлечете дали имала пластични операции? Дрзок, но не и вулгарен, Станковиќ балансира на тенката острица на новинарската ангажираност, која досега сигурно му донела главоболки, но и ловорики - во 2009 тој беше прогласен за новинар на годината во Хрватска.
Во ова издание на Букбокс Станковиќ ви го претставуваме во малку поинакво, речиси филозофско светло. Откако подолго време ја следиме неговата поезија на порталот на Е-новине, решивме да направиме еден „бест оф" избор на македонски. Го насловивме „Прашања", бидејќи тој токму со нив и се бави, со Големите прашања, коментирани без интерпункција и со мали букви. Веројатно не е случајно што дури две од песните се викаат „Слобода" - прашањето на слободата, на говорот, мислата и делото, се и би требало да бидат основни прашања за секој општествен 'деец', било да е тој политичар, новинар, поет или...боксер:)
Голем дел од песните на Станковиќ се однесуваат на хрватската политичка сцена. Иако инсистиравме на тоа дека принципот е ист а сето останато нијанси, дека македонскиот читател слободно би можел да ги замени имињата на тамошните политичари со некои локални и песните пак би имале смисла, сепак го почитуваме неговиот став дека според него тие му се послаби. Затоа, наместо лудачки да притискаме на копчето од лифтот, го оставаме сам да си дојде. Подготвени да си ги навлечеме сопствените теории на тенок мраз.
ЗА САМОУБИСТВОТО
доста му е од сè
од шизофренија, таблети
и од самосожалување
па тврди
дека во вторник
ќе се фрли во Сава
му објаснувам дека давењето
не е идеален начин
многумина преживуваат
па што да правам
ајде да купиме Огласник М
и да ја најдеме таа курва
се одлучуваме за
студентка
подготвена на сè
со манекенски изглед
таа за пола саат
му наплаќа 3,500 денари
утредента ми се јавува
и вели дека било ок
па е подготвен да ризикува
уште 3,500
ПРАШАЊА
луѓето кои чекаат лифт
често лудачки го притискаат копчето
демек лифтот заради тоа
побргу ќе дојде
најпродаваните рачни часовници
се оние со три круга во себе
од кои не користиш ниту еден
речиси секој ден ме облеваат
гордост, достоинство и возвишеност
дај кажи искрено
што да правам со тие чувства
не дека постојано си кршам глава
околу овие прашања
но често се фаќам
како мислам на тоа
ЗАБРАНЕТО ПУШЕЊЕ
повторно пушиш
да
па добро до кога ќе се труеш со тоа срање
кој знае
па зошто го правиш тоа
го сакам вкусот на цигарата со кафе
и дали е тоа доволна причина да се убиеш
...не знам подобар
ВЕСТ
веста за неочекуваната смрт
на некоја подалечна млада роднина
ме затекна
додека со маслиново масло
ги прелевав тиквичките
си мислам
роднините ги немаа овие нови
нутриционистички навики
не јадеа доволно маслиново масло
екстра девствено
од студена преса
горчливо
можеби е до тоа
СЛОБОДА
кога ја верглам приказната
за слободните јавни медиуми
и неслободните приватни
ги лутам колегите
кои работат кај газди
па морам да им се извинувам
добро во право сте
често поедноставувам
хипотетички во јавните медиуми
би требало да има повеќе слобода
но (како што рече еден лик)
и таа слобода
што да правам со неа
дај ми ти мене причина за живот
МАЈКА МИ
што ќе ми е Че кога ја имам мајка ми
имено, ја канам на гости
а таа ми вели дека не сака
затоа што кај мене ѝ е досадно
каква еруптивна доза на искреност
во однос кој со својата сервилност
јас обилно го сервисирам веќе 20 години
што ќе ми е Че кога ја имам мајка ми
која го кажува сето она што јас требаше
на сите оние Велигденски ручеци
чајанки
и посети од навика
и затоа мајко ти си ми идол
што ќе ми е Че
кога те имам тебе
и твојот лик за на маица
од неговиот поубав
СТАРИЦА
пред него
невозможно бавна
плаќа сметка
една старица
ќе ѝ се одмазди така што
на излезот од трговскиот
во последен миг ќе ја престигне
пред онаа кружна подвижна врата
се туркаат со рамениците
тој секако влегува
старицата не успева
кога би си играле со зборови
би можеле да заклучиме
дека за миг тој ја победи староста
но тоа би бил обичен софизам
и затоа ќе се држиме до фактографијата
по инцидентот
старицата во чудо го гледа насилникот
не ги препознава ни тие луѓе
ни тие страсти
светот ѝ се измолкнува
како топка на бебе
СЛОБОДА
на двајца пријатели
често им објаснував
дека колата е извор на слобода
она
одиш кај сакаш
правиш што сакаш
бла
по долги години премислување
еден купи
Фиат пунто
а другиот не купи ништо
овој што купи Фиат Пунто
на 21.3 беше на концерт
на Вуди Ален во Виена
а овој што не купи ништо
остана во Загреб
по 2 пијачки
ебеше манекенка
и му ја навлече теоријата
на тенок мраз
НОВИНАР НА ГОДИНАТА
насекаде сум се распослал деновиве
од насловната
сериозно порачувам
во одбрана на сопствената чест
сè е дозволено
станковиќ ја брани честа
веројатно се рушат сервери
како што се рушат
кога хохњец ќе се заљуби
или кога хрга се мажи
во општество во кое изгледа
дека се' се руши
би можело да се каже
дека само на Роко Зифреди
гордо му стои како патоказ
но (иако јас лично верувам во тоа)
тоа е само ефтина досетка
и затоа другари
подобро сега да ве оставам
да се јавам на мобилен
и да го одработам ветеното интервју во Екстра
јас сум сепак новинар на годината