Книгата, иако напишана на висок стил, сепак била наменета за поширока публика, која веќе била воведена во темата преку делата на претходниците на Дарвин, кои на некој начин му го подготвиле теренот. Дедото на Дарвин, Еразмус, уште во 1790 скицирал претпоставка за трансмутација на видовите, а Жан-Батист Ламарк во 1809 објавил поелаборирана теорија која се надоврзала на онаа на Дарвин сениор.
Според обајцата животот на планетата се создал спонтано, но со текот на времето едноставните форми на живот, адаптирајќи се на околината, се развивале и усложнувале, при што секоја генерација од претходната ги наследувала само оние особини кои овозможувале опстанок и продолжување на 'генот'. Идејата за „опстанок на најспособните", која често му се припишува на Дарвин, е исто така постара од него - прв ја формулирал Херберт Спенсер, шест години пред Потеклото на видовите, за да ги објасни разликите во богатството и статусот на различните општества. Освен дедото, и братучедот на Дарвин, Френсис Галтон, бил загреан за идејата на еволуцијата но во една друга смисла, тој сметал дека човечките цивилизации се замешуваат во природниот поредок на работите со тоа што им дозволуваат, заради квази-морални причини, да опстанат и дури и бројно да ги потиснат оние поспособните. Позната како еугеника, оваа теорија подоцна довела и до радикални методи за „корегирање" на овој дисбаланс.
Во историјата на науката ретко се случува една теорија да има толку далекусежни последици по толкувањето на феномени кои не спаѓаат само во областа на која таа првенствено се однесува како во случајов биологијата. Така, по принципот на сврзани садови, Дарвиновата теорија многу бргу се прелеала од природните во општествените науки. Раните социо-културни теории во областа на социологијата и антропологијата, како оние на Огист Конт, Херберт Спенсер и Луис Хенри Морган, иако наводно создадени независно од делата на Дарвин, сепак идеално се вклопиле во интелектуалната атмосфера на доцниот деветнаесети век, која ги протежирала идеите за унилинеарна еволуција. Според нив општествата на почеток се 'примитивни' но постепено стануваат 'цивилизирани', каков што бил случајот и со Западната цивилизација, која се сметала за врв на прогресот. Често користени за оправдување на колонијализмот и ропството, овие теории подоцна биле остро критикувани и на крај напуштени. Па сепак, и по 150 години Дарвин и неговите идеи се уште се длабоко вкоренети во секуларниот светоглед, предизвикувајќи контроверзи и распалувајќи дискусии кои често немаат директна врска со научните аспекти на теоријата. Исто како и во случајот со многу други контроверзни дела, прашање е колкумина од оние кои го критикуваат Дарвин навистина имаат прочитано нешто од него.
Потеклото на видовите е преведена и објавена на македонски во 1978, од група здружени издавачи. Кога не успеав да пронајдам примерок на старо по локалните книжарници, се обидов во Универзитетската библиотека. На мое изненадување, книгата според он-лајн картончето не беше категоризирана ниту под 'биологија', ниту под поопштото 'природни науки', туку под - 'марксизам-работничко движење'! (во меѓувреме, можеби заради мојата реакција, картончето е сменето, ама имам сведоци дека до скоро беше така:) Како е можно една теорија која, без оглед дали аргументирано или не, е масовно толкувана како расистичка, империјалистичка, еугенистичка, дури и нацистичка (значи радикално 'десна'), да биде официјално протолкувана и етикетирана токму како - марксистичка?
За тоа има две веројатни причини. Првата се однесува на атеистичките импликации на Дарвиновата теорија, која наводно исклучува секаква 'виша сила' како можен создавач на животот на планетата, што беше на иста линија со марксизмот во времето кога книгата е објавена на македонски. Точно е дека Дарвин се занимава со потеклото на видовите, но не и со примордијалното создавање на животот како таков - неговата теорија започнува откако животот веќе постои, откако едноставните животни форми се веќе на своето место. Оттаму, иако официјалното христијанство во принцип се противи на идеите на еволуцијата, полибералните верници се сепак подготвени да прифатат теистичка верзија на истата, според која Бог е сепак инцијаторот на животот и оттаму и на процесот на еволуцијата, која е исто така негово дело.
Втората причина е тоа што иако поголемиот број левичари се критички настроени кон еволутивната теорија, бидејќи таа според нив ја акцентира улогата на натпреварот и ги игнорира елементите на соработка, Маркс, Енгелс и Ленин во нивно време ја подржале - Маркс во знак на почит дури и му испратил на Дарвин копија од првото издание на Капиталот. Марксовото дело е базирано на материјалноста на светот, значи на природните причини и последици, и на нивното влијание врз човечкото општество, особено врз економијата. Во 1861 Маркс му пишува на неговиот пријател Фердинанд Ласал:
„Дарвиновото дело е за мене најзначајно бидејќи одговара на мојата цел. Обезбедува основа во природните науки за историската класна борба..И покрај сите недостатоци, ова е прв пат природните науки да понудат рационална, емпириска телеологија (објаснување на феномените согласно нивните цели или последици - моја заб.)".
Оваа соработка меѓу општествените и природните науки за која зборува Маркс дала и катастрофални но и прекрасни интелектуални резултати кога станува збор за споменатото 'прелевање' на Дарвиновата теорија од едната во другата сфера. Една од нив е еволутивната психологија, која се обидува врз еволутивни принципи да објасни навидум сложени аспекти на човечкото однесување. Зошто во просек мажите повеќе сакаат русокоси со големи гради, зошто жените потешко им 'даваат' на мажите, кои се биолошките извори на љубомората и каква врска има црвеното ферари со нечиј поголем репродуктивен успех - сведени на биолошки принципи (кои само затоа што се биолошки не значи дека не се и културни) одговорите на овие прашања на некого му делуваат вулгарно, но за други се вистинско просветлување. Ќе да сум од вторите...