Без оглед на нејзиниот автор, таа сосема јасно ја дефинира разликата помеѓу нашата љубов кон татковината, приврзаноста кон тој колективен организам со кој се идентификуваме, и лојалноста кон одредена власт, која можеби застапува некои сосема други, нам туѓи и неприфатливи вредности. Во таков случај патриотизмот престанува да биде љубов кон нашата земја онаква каква што таа е, и станува копнеж по неа, онаква каква што би сакале таа да биде – наш дом не само во географска, туку и во секоја друга смисла.
Со ваков копнеж се обоени патриотските народни творби, но и оние на бардовите на македонската револуционерна поезија (Вапцаров, Рацин), кои се нивен манифест за тоа каква сакаат да ја видат својата земја. Нивниот патриотизам доаѓа до израз токму затоа што е контрапункт на такви политички и историски околности кои се пречка за остварување на нивниот идеал. Тие се патриотски, затоа што се бунтовни и визионерски. И токму затоа што се против тогашната власт.
По Втората светска војна, во поранешна Југославија, се негуваше еден посебен жанр, кого денес го бие лош глас. Патриотската поезија сега стана „родољубива", можеби како знак дека она за што се бореле патриотите и револуционерите се оствари. Да се љуби родината преку стихови значеше во пакет да се љуби и нејзината власт. Најлесен начин за дисквалификација на националните ѕвезди во книжевноста по осамостојувањето на новите држави беше да им се извади од нафталин некаква ода за Сутјеска или за Игманскиот марш. Ретроактивно, нивната родољубивост беше изедначувана со конформизам, а уметноста им беше ниско естетски вреднувана токму затоа што беше за некогашната власт.
Пред неколку дена беше објавена вест дека на конкурс е одбрана песна по повод 20. годишнината од независноста на Македонија, која ќе биде изведена на 8. септември на централната прослава на скопскиот плоштад. Не сум ја чула, но со оглед на поводот таа секако би требало да биде патриотска, во најдобрите традиции на ваквите химнични остварувања. Сличен обид за поттикнување на патриотски чувства преку спојот на стиховите и музиката имаше на еден друг конкурс, оној за навивачка химна.
Освен во вакви случаи на творење на однапред зададена тема, кои даваат прилично предвидлив резултат, не сум чула дело на современ македонски писател да биде жанровски дефинирано како „патриотско" или „родољубиво". Можеби е до самите одредници, тие да се „потрошени", и да асоцираат или на некаква во моментов непотребна револуционерност или на ретроградност. Ако е така, тогаш лесно ќе смислиме нови, ослободени од тој неповолен семантички багаж. Но можеби проблемот е подлабок, и се однесува на тоа што треба еден човек да прави, или во случајов, како треба пишува, за да биде сфатен како патриот.
Стереотипната матрица на „патриотски" вредности, која се сведува на неколку историски личности, датуми и локации, и уште поважно – на строго етаблирани нарации во врска со нив - се прилично некреативни сижеа ако човек не си дозволи да ги деконструира, демистифицира, со љубов да си поигра со нив, ако треба и патриотски да им се насмее. Дали ќе им помогнело на ослепените војници на Самуил да имале и трето око? Нели би било пологично во Крушево да направеле крушково, наместо црешово топче? А Солунските атентатори каква врска имаат со 9/11? Лесно е вака човек да се зафркава, ама да видам таков јунак кој јавно ќе признае дека Кристина Агилера му е помила од Сирма, а Црна гуја од Грујо. Уште не си ја завршил реченицата, а веќе чувствуваш како кон тебе лета нечија плунка. Давајќи ѝ предност на хигиената пред каква и да е експликација на твојата космополитска, и пред сè заебантска природа, решаваш да си поќутиш малку. На крај краишта, што направила бе за тебе некоја си Агилера?
Дури и кога се дисиденти, писателите се поврзани со својата земја и култура на најмалку два начина – преку јазикот и преку искуството. Ако од јазикот и можете да се „ослободите", и да пишувате на кој и да е друг јазик кој добро го познавате, вашето искуство со родината, пејсажите кои сте ги впивале, звуците кои ве успивале, воздухот кој сте го дишеле, луѓето чија судбина била да се родат во истата земја како вас и да ви бидат родители, пријатели или душмани, неповторливо се вградува во вас и претставува суштина на сето она што го творите. Односот кон тоа минато или сегашно искуство на припаѓање на нешто поголемо од семејство а помало од космос е всушност однос кон татковината.
Така сфатен патриотизмот добива „помек", човечки лик, кој не се однесува на некакви апстрактни ентитети (држава, народ) туку на конкретни искуства и места - каде сме играле ластик и фота, каде сме научиле да пливаме, каде прв пат сме се опиле - и на конкретни луѓе, без кои нашите животи би биле бесмислени. Така сфатена одеднаш и сета литература изгледа малку попатриотска. Ако на ова се додадат и гореспоменатите иронизирања и поигрувања со стереотипните матрици на припадноста, не од злоба туку од мерак, веќе нема ни потреба од конкурси и посебни фестивали за родољубива проза и поезија. Наместо со војници во Авганистан, во секое време можеме да ускокнеме со чети патриотски настроени поети во некоја загрозена држава, која има проблем со родољубивоста. Нема да минат ни шест месеци, сите ќе ја бакнуваат земјата по која одат...
Бидејќи свечена песна веќе имаме, ајде да смислиме слоган за прославата. Нешто покреативно од трите вообичани пароли - „сакаме", „да живее" и „доле" - кратко, ударно, штосно, и пред сè патриотски. Најдобриот слоган ќе добие супер награда, кошаркарски дрес на македонската репрезентација. Пишувајте до 7. септември на chitajte@gmail.com. Наградениот ќе биде прогласен на нашата ФБ страница на 8-ми.
Следи мој прилог кон темата, со етиди поврзани со искуства, мириси и бои од Македонија. Од историските личности се спомнуваат Пецо Шибев и Френк Синатра, а од значајните настани возењето со автомобил полн ѓубре до Сливница. Ја сакам мојата земја. Посебно кога не е 2,500 евра квадрат.
ЃАВАТСКИ ЕТИДИ
за кларинет и оркестар
1.
После две недели
гледање само МТВ
викнавме мајстор
за сателитска
од Битола.
Само што дојде
снема струја,
не завршивме работа.
Долга е раката
на државната
радиодифузија.
2.
На бандерата
два некролога
за два дена.
Да не ги видевме
божем не ќе знаевме
дека смртта влегла
во селото.
Тоа и онака умира.
3.
Жолтата лежалка
меѓу две стебла
се дуе од ветрот –
личи на стомак
на бремена.
Тоа објаснува
зошто во неа
стануваш ко фетус.
4.
Секое излегување
колата ја полниме
со ќеси ѓубре,
да не го фрламе
во селската река.
Цел пат до Сливница
ни труе
на расипана паштета.
Добрите намери
се поплочани
со јака смрдеа.
5.
На влез на Охрид
карши–карши
две погребни претпријатија –
едното вечен,
другото мирен сон.
Кога ќе размислиш
има квалитативна разлика.
Во близина ресторан „Парламент",
вечна слава
и вистинска демократија.
6.
На местото на хотел Парк
градат апартмани
со поглед на езеро,
2,500 евра квадрат.
Може за мене
една хипотенуза
за 100 евра?
7.
Селото се вика Рамне,
а до него
километарска угорница.
Сигурно сакале
да ги зафркнат Турците,
овие да тргнат угоре
без висинска подготовка.
Комитите се криеле
зад грмушките
и се кикотеле
кога овие почнувале
да пцујат
керата, анасана.
И после не сме имале
гео–стратешка политика.
8.
Никој веќе не го спомнува
Пецо Шибев
најпознатиот
ѓаватски пијаница.
Кога бев мала дојде на гости
и кога го прашавме
што сака да се напие
облечен во шинел
од Сремски фронт
рече:
„Би сакал
една бела кафа".
9.
Во центарот на Битола графит:
„Свесте тесе Македонци"
Граматиката е опиум
за народо.
10.
Зуењето на пчелите
се меша со брмчењето
на фрижидерот за длабоко.
Мед и месо.
11.
Кога бил мал
татко ми имал куче,
го викале Барак.
Им било вишок
па го дале во Свињишта.
Да чујат сега Американците
за прогонството на Барак
маф ни е работата.
12.
Некој го украл патоказот
на влезот на селото,
ама затоа во него
на едно вртење десно
има самоделски знак
„Гулабова маала"
Кради глобално,
делувај локално.
13.
Оваа година прв пат
не ме касна комарец.
Не е на арно.
Ако не сум им веќе интересна
на инсектите,
наскоро нема да им бидам
ни на луѓето.
14.
Споменикот во Ресен
во форма на јаболко
галиба за'рѓал,
ко скапано.
Ама па на овошје,
дека органско,
и му личи да е расипано.
А на шмизла?
15.
Живко Топев
што живее на ридот
го завикале
Бум ТВ -
само кај него
фаќала телевизијата.
16.
„Ти виси мрсул од носот,
да не си настинат?"
„Не, за украс ми е",
вика Иван,
и си го бутка назад.
17.
На кларинетот
на татко ми
„Стрејнџерс ин де најт"
звучи исто како
„Не се бели Маре мори".
На оној на Вуди Ален
сигурно е обратно.
* кога се вратив во Скопје ме скапаа комарци...